Вицепремиерот на грчката влада Евенгелос Венизелос од говорницата на ООН побара ерга омнес за решавање на спорот со името.
Грција секогаш беше цврст поддржувач на европската иднина за балканскиот регион. Процесот на европската интеграција значи напуштање на менталитетот на поделби и одење кон ера на блиска соработка врз основа на поставени вредности и принципи. Ние сакаме да ги развиваме нашите односи со Поранешната Југословенска Република Македонија, врз основа на принципите на Повелбата на Обединетите нации и во рамките на добрососедските односи. Грција е посветена на тековниот процес на преговори во Обединетите нации за да се изнајде решение на спорот за името. Затоа ги продолжуваме нашите напори да изнајдеме заемно прифатливо име, за сите употреби, ерга омнес, кое нема да остави сиви зони и ќе дозволи јасно разграничување меѓу нашата соседна земја и регионот Македонија во северна Грција, рече Венизелос.
Грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи додаде дека ваквото решение ќе овозможи натамошно интегрирање на Македонија во евроатланските институции и ќе придонесе кон просперитетот на целиот регион.




