Секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис денеска изрази поддршка за политиката што ја води македонската Влада, притоа нагласувајќи ја соработката во одбраната преку учеството во меѓународните мировни мисии, па се до постигнувањето на Договорот со Грција.
„САД го препознаваат вашето лидерство како важна сила на стабилност во регинот и пошироко, а вашата земја е придонесувач на мирот, преку учетсвото во мисиите во ООН, НАТО и ЕУ, насекаде во Европа и во светот. Ова ви донесе меѓународна поддршка и ви благодариме на соработката“, рече Матис на прес конференцијата во Владата, за едно со премиерот Заев и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Матис исто така ја истакна и соработката во сајбер безбедноста, која како што рече е закана за двете демократии.
Во врска со Договорот со Грција, Матис истакна дека се работи за историски договор, постигнат со трпелива дипломатија и тешки компромиси, при што се заблагодари на Заев за личното водство во овој процес.
„Вашата земја, само што прослави годипнина од независноста, кога граѓаните во огромен број се изјаснија да живеат во слобода, како што вели и вашата химна. Сега треба да се искористи историската можност да се оди напред и да се гласа на референдумот. Ова е најважниот глас во историјата на вашата земја“, рече Матис.
Тој ги цитираше изјавите на германската канцеларка Меркел и на генералниот секретар на НАТО Столтенберг за време на посетите во Скопје истакнувајќи дека ова е шанса Македонија да добие еднакво место во најуспешната воена алијанса во историјата заедно со 29 земји.
„Ние сме подготвени да ви посакаме добредојде како 30 земја членка“, рече Матис и најави дека ова ќе му го пренесе и на претседателот Иванов со кого ќе се сретне попладнево.
Премиерот Зоран Заев се заблагодари за поддршката од САД за Македонија и рече дека земјата нема алтернатива освен членство во ЕУ и НАТО.
„Во духот на иднината водиме политики за обезбедување на политичките фактори за ова прашање. Повикуваме на единство кога станува збор за остварување на стратешките цели на граѓаните на нашата земја а тоа се членството во НАТО и ЕУ. За Република Македонија членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива“, рече Заев.
Зборувајќи за придобивките, Заев рече дека земјите од Западен Балкан интегрирани во евро-атланското семејство се гаранција за стабилна превенција од „инволвирање на трети страни овде во регионот“.
„Постојано ги охрабруваме лидерите во регионот да се обединат за остварување на заедничките цели, одржлив мир, регионална соработка, економски развој и интеграција во евро-атланското семејство на народите. Така се создава нова балканска иднина“, рече Заев.
Министерката за одрана Радмила Шеќеринска истакна дека посетата на Матис е прва посета на американски секретар за одбрана по 14 години и тоа е доказ за личната заложба на секретарот Матис за членството на Македонија во НАТО.
„Порака со поддршка добивме и во мај годинава во Вашингтон. Таа поддршка беше јавна, јасна и поткрепена со дела. Тоа беше силен поттик за нас да продолжиме со политичките и одбранбените реформи. Нашите граѓани со својот глас ќе постават нов тон во регионот и Република Македонија ќе биде на чело на тоа ново балканско поглавје“, рече Шеќеринска.
Секретарот за одбрана на САД Џејмс Матис утрово пристигна на скопскиот аеродром а беше пречекан од министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шеќеринска и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли.






