Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, на денешната средба во Њујорк, од Генералниот секретар на ООН, Бан Ки Мун, и лично побарал поголем ангажман во спорот со името.
На средбата се разговарало за активностите на Македонија во рамките на Обединетите Нации, соработката во остварувањето на поставените цели, и за процесот на разговори помеѓу Република Македонија и Република Грција за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение околу наметнатиот спор помеѓу двете земји, информираат од Владата.
Видео: Обраќање на Груевски во ООН
На средбата, Груевски истакнал дека е потребно да се зголеми интензитетот на средби на специјалниот претставник Метју Нимиц со претставниците на двете земји и да се засили динамиката на истите, со што би се надминал застојот и што би водело кон поголеми можности за изнаоѓање решение.
Како и на вчерашниот говор пред Генералното собрание, и денес на средбата со Бан Ки Мун, премиерот посочил дека решението на спорот како и дискусијата треба да се базираат исклучиво во склоп со предвидените резолуции и акти на Обединетите Нации кои го определуваат ова прашање, без проширување со теми кои не се во границите на резолуциите.
Груевски побара од ОН поголем ангажман во спорот за името
Генералниот секретар Бан Ки Мун изразил позитивна оценка за придонесот на Република Македонија во реализацијата на целите на Обединетите Нации.
Тој посочил дека активно ги следи сите процеси и активности во рамките на разговорите за решавање на спорот помеѓу Република Македонија и Република Грција и редовно е информиран од медијаторот Нимиц за деталите од разговорите и позициите и ставовите и однесувањата на двете страни.
Во оваа насока Ки Мун го информирал Груевски дека е подготвен да поведе иницијатива од негова страна за организирање на средби на високо политичко ниво помеѓу претставниците на Република Македонија и Република Грција во насока на забрзување на разговорите за решение на спорот.




