Романците викендов одлучуваат на референдум за тоа дали во Уставот бракот треба да биде дефиниран како „врска меѓу маж и жена“. Среде политичка криза, дебатата околу тоа прашање внесува дополнителен јаз во општеството, анализира Дојче Веле.
„Брани го семејството и децата на Романија! Ако не излезеш на референдум, двајца мажи ќе можат да го посвојат твоето дете!“ Тоа е пораката од огромниот плакат на фасадата на еден станбен блок во Темишвар. По неколку дена, плакатот исчезна- градоначалникот лично замоли да се тргне.
Расположението е зовриено- во семејствата, меѓу пријателите, на работните места. Со недели траат остри расправии и кавги за хомосексуалноста, истополовите бракови и посвојување деца од страна на истополовите парови.
На референдумот кој викендов се одржува во Романија, на 6 и 7 октомври, граѓаните одлучуваат за тоа дали Уставот треба да го дефинира бракот како врска меѓу маж и жена. Досега се користеше родово неутралниот поим „сопружници“.
Во земја со околу 20 милиони жители, конзервативните и религиозните групи кои себеси се нарекуваат „Коалиција за семејство“ од 2015 година собраа околу 3 милиони потписи со цел од политичарите да побараат таква промена. Парламентот и Сенатот со јасно мнозинство ја подддржаа промената на Уставот- и тоа со гласовите на опозицијата. Единствено новата партија, Унија за спас на Романија (УСР) беше против.
Многу критичари на владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) и нејзиниот (осуден за криминал) претседател Ливиу Драгнеа, сметаат дека референдумот е само обид на владата да го одврати вниманието од темите како што се проблемите во правосудството и насилството на полицијата врз демонстрантите на 10 август. Романскиот политолог и историчар Арманд Госу смета дека не се работи само за тоа, туку и за многу поголема работа: „Тоа е антизападен манифест на Романија. Елитите кои владеат со оваа земја по падот на диктатурата во 1989, и кои имаат свои корени во старата номенклатура, имаат чувство дека Брисел ги понижува“.




