Притворен е нов осомничен во врска со убиството на бугарската телевизиска новинарка, Викторија Маринова, маж на возраст меѓу 20 и 30 години, објави весникот 168 Часа, а пренесе германската агенција ДПА, пренесуваат медиумите.
Осомничениот е уапсен во Германија, се вели во извештајот. Наводно тој ја напуштил Бугарија во неделата и заминал во Германија каде што живее неговата мајка.
Телевизиската станица ТВН објави дека тој не ја познавал убиената новинарка.
„Постои физички доказ за поврзаноста со убиството“, изјавил бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов.
Тој го идентификуваше човекот како Северин Красимов, кој живее недалеку од местото на злосторството.
Во меѓувреме шефот на полицијата во Русе Теодор Атанасов изјави дека човекот кој беше уапсен вчера во врска со убиството ќе биде ослободен и против него нема да има обвинение.
-Овој човек, чие име не е објавено, ќе биде пуштен „наскоро“, изјави Атанасов.
Телото на 30-годишната новинарка беше пронајдено во саботата недалеку од река во градскиот парк во нејзиниот роден град Русе, на северот од Бугарија. Обвинителите велат дека била силувана, тепана и задавена.
Маринов, рече дека до овој момент нема докази оти убиството е поврзано со нејзината новинарска работа.
Сепак, медиумите се фокусираат на нејзината неодамнешна работа. Маринова работела за телевизиската станица ТВН од Русе, каде се емитувала нејзината емисија „Детектор“. Во последното издание на 30. септември, таа претставила двајца новинари кои истражувале наводен случај на корупција поврзан со фондовите на ЕУ. Рекла и дека нејзината неодамна лансирана емисија ќе спроведе слични истраги.
Маринова, која има седумгодишна ќерка, била вклучена во истрага од група бугарски новинари за инфраструктурни проекти финансирани од Европската унија, со кои раководеле локалните власти.




