Пишува: Наташа Ангелеска, мајка на дете со ретка болест
Го вадам сетот за инекции од медицинското шкафче, мијам раце, и ја почнувам постапката за подготвување терапија за моето дете. Не чувствувам страв, напнатост, несигурност…. НЕ!
Го надминав одамна бидејќи животот ми покажа дека онаа народната изрека е точна: „се е рутина“ – како што си научил да одиш, потоа не размислуваш како одиш, која нога прво ја придвижуваш, туку едноставно зачекоруваш и одиш. Или како што си научил да возиш велосипед, не ги повторуваш постапките при секое качување на велосипедот, туку едноставно знаеш да одржиш рамнотежа и запедалуваш, возиш.
Така и вчера доцна попладнето… Ме совлада замор од исполнет ден со убави активности: прошетка на Саем за мебел, кафе со пријатели, прошетка со семејството на Водно на прекрасен сончев ден, па ручек кај роднини, помош со миење садови и средување во нивната викенд куќичка, прошетка со кучето.
Се вративме дома пред стемнување и таман седнав и ме фатила убава дремка додека ја гледам омилената емисија за уредување куќи и дворови, ме допре раката на мојот син. Не се уплашив, но се зачудив, бидејќи го поминавме заедно скоро цел ден, па се затвори во соба и ми рече ќе биде малку сам, како што прави секој тинејџер.
Но неговиот допир и шепотење беа повик за терапија, добил напад. Не се потребни многу зборови меѓу нас двајцата кога е таква ситуацијата, а јас сум дома. Се случува и ноќе да дојде во мојата соба и да ме пробуди со истиот шепот и нежен допир за да ми каже дека отекол.
И секогаш станувам и веднаш го отварам фрижидерот, вадам 2 инекции и ги оставам 15-тина минути на дневна температура. Ако е премногу ладно, како што знае да биде сред ноќ во зима, земам еден сет јас во моите дланки, еден моето дете, и ги држиме во рака за да ја добијат потребната температура побргу. Тоа го правиме без многу разговор, но со утврдена рутина. Потоа мијам раце и го вадам сетот од инекциите. Го растварам прашокот за инекција со помош на посебен дел во сетот кој е наменет за самоинјектирање.
Скоро секогаш кога го правам ова, заклучувам дека е прекрасно што Германците, производители на лекот, осмислиле ваков сет за инекцииве кои значително помагаат за лица како мене коишто не се медицински професионалци да можат да ја подготват терапијата. Па ја повторуваш рутински постапката, едното шишенце, го отстрануваш капачето, забришуваш со алкохолното марамче вклучено во сетот, го ставаш механизмот врз ампулата со течност, па го отвараш шишенцето со прашок, го забришуваш со алкохолното марамче, па го ставаш механизмот врз него и почнува да тече водата за инекции врз прашокот, растворајќи го лекот.
Ова баш како одење, нога пред нога и се движиш, или качување на велосипед и вртење педали. Можеби дури и свирење пијано кога не размислуваш дали која рака што треба да отсвири гледајќи во нотите, рацете сами се движат по дирките. Само со тек на време увежбуваш и не правиш грешки, па мелодијата тече без грешка…
Рутински, прецизно!
Потоа почнува постапка која со поголем напор, маки и доста анксиозност ја совладав, а тоа е да најдеш вена на детска рака, да направиш безболен убод и да пуштиш лекот да протече низ вените на синот. УФ! Заклучувам дека веќе и тоа толку РУТИНСКИ го правам, па скоро како медицинска сестра со многугодишно искуство на Детската клиника. Така и син ми секогаш ми вика дека сум ептен добра. Па ме облева толку убаво чувство, како да ме пофалил за неделниот ручек или добриот десерт што сум го зготвила. А за тоа ретко, да не речем никогаш, не ме фали.
Дотаму животот со боцкање ни станал РУТИНА, што секојдневните разговори за јадење, прошетки, купување не се ни интересни, туку ова другово… Колку брзо тече лекот, дали дупла доза треба да се инјектира дупло време од вообичаеното кога инјектиравме една доза и траеше 10-15 минути. Се прилагодуваме, учиме, се радуваме кога ја вадам иглата од вена, па самиот притиска со алкохолното марамче и чека да го залепам фластерот. Секогаш има разговор од типот дали има капка помалку или повеќе крв на марамчето од претходното боцкање пред една недела, но никогаш досега местото на боцкање не помодрило, на што сме особено горди двајцата и заклучуваме дека сме одлични ПАРТНЕРИ.
Двајцата сме горди што растеме, учиме заедно за неговата ретка болест, се прилагодуваме на безброј непредвидливи ситуации, и посакуваме да стане РУТИНА и на одговорните власти кои одлучуваат за терапијата, да не се двоумат, туку рутински да ги потпишат документите за набавка на лекот, да обезбедат доволно средства за да имаме континуирана терапија и да продолжиме секој со своите рутински работи!




