Министерството за финансии иако најави, се уште не го смени Законот за придонеси за социјално осигурување во делот со кој невработени граѓани се принудени да плаќаат по 2.480 денари месечно за да имаат право на здравствено осигурување.
Овие луѓе кои останале без работа во последната година, а нивните приходи надминале 204 000 денари за цела година, што значи во просек месечно земале по 17 000 денари плата, мораат секој месец да ја уплаќаат оваа сума во ФЗОМ иако претходната година биле во работен однос и за тоа редовно плаќале здравствено осигурување.
Во Министерството за финансии за НОВА велат дека е лоциран проблемот и се работи на измена на законската регулатива. Сепак, и доколку се смени законот до крајот на годината, неговата примена ќе започне дури од наредната година.
„Во Министерството во моментот се работи на промена на регулативата со цел решавање на оваа ситуација“, стои во официјалниот одговор од Министерството за финансии.
Сложената политичка состојба и неизвесноста со Законодавниот дом покрај другите најавени мерки граѓаните, може да ја стопира и оваа измена на законот, брифираат извори за НОВА упатени во проблематиката.
Овој закон кој е донесен во 2011 година од претходната власт, од сегашната е оценет како штетен и нелогичен, но сепак и по една година од доаѓање на оваа власт, истиот не е коригиран.
Во јуни годинава кога НОВА направи истражување на оваа тема , од Министерството за финансии потврдија дека овој закон ќе претрпи ревизија. Иако не кажаа кога точно ќе се случи тоа, беше потенцирано дека измените во законската регулатива најчесто се случуваат кон крајот на годината.
Законот во кој како основа за исплата на придонесите се зема претходната пресметковна година, ги доведе во многу незгодна ситуација луѓето што изгубиле работа.
Освен што се борат со беспарица, за да можат да се лекуваат тие се принудени да плаќаат сума која реално нема од каде да ја најадат. Поради тоа голем дел од нив се откажуваат од здравствено осигурување така што бројот од околу 1000 луѓе кои се регистрирани во ФЗОМ и не е реален.
Нашите соговорници велат дека законот не е логичен бидејќи за приходите од преходната година тие плаќале придонеси. Сега се принудени да се позајмуваат, а доколку се млади овој износ најчесто е на товар на родителите.
„Кога останав без работа ме задолжија да плаќам по 2480 денари месечно доколку сакам да бидам здравствено осигурана. Минатата година плаќав бидејќи татко ми, ми помогна. Ова година не плаќам веќе, заврши тоа. Ова се глупости, кај без пари, па уште и сам да си плаќаш “, рече Весна Коларова.
Убавка Арсева од Свети Николе раскажува дека не е во можност да плаќа и ваквиот закон го оценува како штетен.
„Јас бев работно ангажирана до 31.12.2017 година кога ми престана договорот, а сега немам никакво здравствено осигурување до следното вработување. Ми рекоа, дека треба да плаќам по 2 488 денари месечно, но не се согласив, немам од каде. Не крадев, излегува дека сум казнета затоа што работев. Службеничката прво ми рече по 6 месеци може да ме пријават да не плаќам, но потоа ми рече сама да си ги пресметам приходите и дека до следното вработување мора да ја плаќам оваа сума “, рече Арсева.
Сите граѓани со кои контактиравме велат дека поминуваат низ агонија бидејќи нема од каде да најдат пари за можат да се лекуваат. Со ова се крши и Уставно загарантираното право на лекување, велат нашите соговорници.
„Минатата година работев до октомври и сега сум без приходи и без здравствено осигурување бидејќи ми бараат скоро 2500 денари месечно затоа што ми бил надминат просекот за 2017 година. Не плаќам бидејќи не сум во можност, и мислам дека тоа не е во ред“, вели за НОВА Биљана Котевска од Скопје.
И во Фондот за здравствено осигурување каде што се слеваат парите од осигурениците, сметаат дека законот не е добар за граѓаните, но велат дека тие немаат надлежност бидејќи оваа законска регулатива е во рацете на Министерството за финасии.
Со овој закон се опфатени и друга категорија невработени кои во претходната година имале нето годишни приходи поголеми од 144 000 денари, а помали од 204 000 и тие треба да плаќаат по 1244 денари месечно за здравствено осигурување( иако плаќале за тоа претходната година). Не плаќаат ништо само невработените кои не работеле никогаш или имале приходи помали од 144 000 денари.