Лекови на рецепт нема после 15 ти во месецот, а состојбата никако да се подобри. Во обид да се справи со ситуацијата ФЗОМ подготвува нов модел за доделување на квотите во аптеките. НОВА од свои извори во Фондот дознава дека се работи за повеќе варијанти на распределба на квотите и нема конечна верзија, но сепак се знае дека средните и малите аптеки ќе добијат повеќе квоти за лекови на рецепт.
Извори од ФЗОМ брифираат дека за сметка на тоа, на некои од поголемите ланци на аптеки ќе им бидат скратени средствата, што во Фондот го карактеризираат како правилна распределба на квотите.
„Тие што добивале повеќе средства, а се мисли на еден познат ланец на аптеки, сега ќе добиваат помалку и тие пари ќе бидат префрлени во други аптеки“, велат извори од ФЗОМ, за НОВА.
Повеќе пари за лекови на рецепт не се предвидени во буџетот. Дознаваме дека дополнителни 50 милиони евра од Буџетот на РМ, ќе бидат побарани за наредната 2019- та година.
Ваквите тектонски поместувања и пресметки на ФЗОМ, создадоа револт и загриженост кај некои од големите ланци на аптеки бидејќи како што велат, со ова ќе бидат оштетени пациентите затоа што тие нема да можат да излезат во пресрет на реалните потреби на граѓаните кои бараат лекови на рецепт во нивните аптеки.
Ваквата распределба на парите, односно квотите со кои ФЗОМ ги органичува аптеките со лекови на рецепт во ФЗОМ ја правдаат со можноста за трансферирање на средствата од една во друга аптека во зависност од тоа каде ќе има поголемо побарување од лекови.
Незадоволните пак, сметаат дека ФЗОМ не направил добра анализа и дека не секоја аптека исполнува услови за квоти, особено не тие кои се загубари и пред затворање.
Што се однесува до пациентите останува да се види дали ваквите нови пресметки на ФЗОМ ќе им овозможат повеќе лекови на рецепт или само станува збор за борба на пазарот за лекови и кој ќе добие овеќе од колачот.
Во ФЗОМ се правдаат дека овие измени ќе овозможат поголема флексибилност додека не дојде до целосно укинување на квотите за лекови.
Укинувањето на квотите реално не може да се случи се додека не се воведе електронски систем со кој ќе бидат поврзани аптеките, матичните лекари и болниците, велат од таму.
„ Квотите се воведени од претходната власт како начин да се ограничи непотребното трошење на лекови на рецепт и правење на домашни залихи. Доколку се укинат се стравува дека ќе дојде до масовна злоупотреба на лековите на рецепт и од матични лекари и од пациентите“, велат нашите извори од ФЗОМ.
Анализите на ФЗОМ покажуваат дека во последните седум години двојно е зголемен бројот на издадени рецепти. Тоа значи дека во 2011 година се издавале 14 милиони рецепти годишно, а во последната година тој број изнесува 25 милиони рецепти.
Сепак, воведувањето на квотите не донесе ништо добро за пациентите. Граѓаните и понатаму лутаат од аптека во аптека во потрага по лекови на рецепт и стравуваат да не се разболат во втората половина од месецот или да не им снема од редовната терапија.
Дека има сомнежи за злоупотреби на лекови на рецепт од страна на матичните лекари посочи и директорот на ФЗОМ, Ден Дончев во мај годинава, кога рече дека дел од лековите кои се издаваат на рецепт во аптеките, завршуваат на пазарите во соседните земји. Тој посочи дека има сериозни индиции на злоупотреба на лековите на рецепт од некои матични лекари кои потоа во торби се пренесуваат преку граница. И токму тоа е причината за недостигот на лекови на рецепт во втората половина од месецот, рече Дончев.
За да се спречи ова и ФЗОМ да има увид, се планира да се воведе интегриран информатички систем за што биле побарани финансиски средства од буџетот на РМ во наредната година.
Осигурениците ќе добијат и нови електронски здравствени картички кои ќе служат само за идентификација, а нема да го содржат целото медициско досие како што беше планирано претходно.
Во тој правец се и насоките да се направи информациона стратегија, да се скенира состојбата, за потоа да се распише тендер и да се бара фирма која ќе го изработи системот.
Ваквиот интегриран информатички систем директорот Дончев го најавува цела година од своето доаѓање на функцијата, но досега ништо од тоа не е реализирано.