Координаторот на парламентарната група на СДСМ, Игор Ивановски, во обраќањето во Coветот на Eвропа говореше за опасностите од делувањето на Златна зора и побара преиспитување на акредитивите на парламентарците на Советот:
– Би сакал да го истакнам прашањето и да го свртам вниманието на парламентарното собрание кон активностите, бруталните постапки на грчката партија Златна зора и последиците од тие активности, на што веќе се осврнаа и некои мои колеги од Грција. Станува збор за добро позната парламентарна партија во Грција која има осумнаесет пратеници во грчкиот парламент, а застапува и, за жал, применува модерни квази-националистички политики и дела, кои се реално класични неофашистички или неонацистички однесувања и делувања.
– Членови на Златна зора се обвинети за убиството на познат грчки левоориентиран активист и пејач, а откако грчките институции го отворија случајот за убиство, против оваа партија покренати се и обвиненија за класичен криминал, како нелегално поседување оружје, перење пари и сл. Ние ги поддржуваме сите правни постапки на грчките институции против Златна Зора и нејзините пратеници и членови, но истакнуваме дека истите требаше да бидат преземени многу порано, бидејќи активисти на Златна Зора и порано правеа брутални, насилни и правно и политички неприфатливи дејства против имигранти, активисти за човекови права и сл.
– Такви дејства беа насочени и кон мојата земја, Република Македонија, и нејзините жители. Активисти на Златна Зора протестираа на македонско-грчката граница и на класичен нацистички стил ја навредуваа нашата нација, нашата историја, нашата држава и повикуваа на насилство против нас, Македонците. Познато е дека активисти на Златна Зора летово оштетија триесетина автомобили на македонски туристи во Грција. За жал, нема полициска или судска постапка против овие неприфатливи дејства против моите сограѓани.
– Европскиот Парламент и Советот на ЕУ не треба да бидат тивки и пасивни по однос на оваа грчка фашистичка, парамилитарна, криминална организација. Нивните дејствија треба гласно да ги осудиме. Треба да повикаме на конечна забрана за оваа партија и отворање судски случаи против нејзините активисти.
– Најмалку што можеме да сториме е да ги преиспитаме акредитивите на Златна Зора и нејзините парламентарци овде во Европскиот Парламент и да не се дозволи парламентарците од Златна Зора да членуваат овде. За таква партија не смее да има место во слободни, фер и демократски општества.
– Колку поскоро го решиме овој проблем, толку подобро. Не смееме да дозволиме грешките од минатото да бидат повторно присутни во Грција, Европа или светот, истакна Ивановски пред Coвет на Eвропа, изјави координаторот на македонската делегација во Советот на Европа, Ивановски во своето излагање пред Асамблејата.




