Македонија не може да дозволи да продолжи статус кво ситуацијата во разговорите за името со Грција. Овие разговори треба да се замрзнат, додека Атина не прифати да ја почитува Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, смета поранешниот министер за надворешни работи и актуелен претседател на Комисијата за надворешна политика во Собранието Антонио Милошоски.
На дебатата посветена на предизвиците за македонската дипломатија во изминатите две децении и плановите за иднина, министерот за надворешни работи Никола Попоски оцени оти Атина е неконструктивната страна во разговорите, но се обидува пред меѓународната заедница да го докаже спротивното, јавува Вести 24.
Според првиот шеф на македонската дипломатија Денко Малески, на земјава и е потребна нова и усогласена надворешна политика и национални приоритети зад кои ќе застанат сите политички фактори. Само така, смета тој, може да се дојде до решение и за спорот околу името кое ќе биде прифатено во македонската јавност.
Спорот околу името е клучно прашање кое ја оптоварува македонската дипломатија во изминатите 20 години. По последната посета на медијаторот Нимиц во регионот се најавуваше можност тој наскоро повторно да закаже нова средба на преговарачите од Скопје и Атина, но за сега нема прецизни информации дали и кога таа средба ќе се случи.




