Отворено писмо до премиерот Никола Груевски од Самка Ибраимовски, претседател на ПЦЕРМ, во кое тој во името на партиското членство бара да се запре, како што вели, зулумот што го прави УЈП со затворањето на дуќаните и фирмите.
„Од затворање нема фајде. Многу усти ќе останат гладни. Многу раце нема да создадат нови вредности, сите осиромашуваме, назадува цела држава. Глоби да, но добро одмерени и правично изречени. Но, дозволете ни нас недолжните, господине премиере, со чесен труд да си го заработиме нашиот леб. Зошто не казнуваат нас вработените, ние сме тука само да ги прехраниме нашите фамилии. Само сакаме и нашите деца да заспијат со полни стомачиња, со весели насмевки да ги испратиме на училиште и уште порадосно да ги дочекаме. Нека есента во топло жолто обои сè околу нас. Жолтата боја значи бериќет. Симнете ги тие грди жолти ленти кои не носат бериќет“, му напиша Ибраимовски на Груевски.
Ибраимовски вели дека оваа молба ја упатува токму денеска на роденденот на големиот хуманист и државник Махатма Ганди.
„Да беше жив, тој ќе не разбереше. И вие ќе го направете тоа, господине премиере, оти од Македонија сте. Доброто со добро се враќа и долго се памти“, пишува лидерот на ПЦЕРМ.




