Монтажна катна гаража треба да никне до Клиниката за гинекологија, на просторот каде што беше старата зграда. Оваа катна гаража е една од двете кои ќе бидат поставени во Клиничкиот центар за да се намали сообраќајниот хаос. Втората монтажна гаража е предвидено да биде во близина на Инфективна клиника.
На просторот до Гинекологија, каде што претходната власт сакаше да гради нов Клинички центар, дупката веќе се порамнува и се полни со земја. Но, за медицинскиот персонал од Клиниката за гинекологија е несфатливо како катна гаража може да никне до прозорците на интензивна нега каде што се сместени недоносените бебиња. Тие велат дека овие бебиња кои сместени во инкубатори се со нежно здравје и на апарати за дишење и не смее под нивниот прозорец да има издувни гасови кои ќе ги дишат и бучава од возилата.
“На само два метри од катната гаража е Клиниката за гинекологија и одделот за интензивен третман на недоносени новороденчиња. Издувните гасови ќе влегуваат внатре преку воздухот за вентилација. Имаме бебиња и пациентки на апарати за дишење. Можно ли е некој вакво нешто да дозволил“, реагираат вработени од Клиниката за гинекологија.
Директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска за НОВА изјави дека на министерот Филипче му било предложено за да се ублажи состојбата да се стави зелен појас меѓу катната гаража и Клиниката за гинекологија.
„Точно е дека на таа страна е Одделението за интензивна нега и звукот им смета на новороденчињата. Ако веќе мора да се прави катна гаража треба да се постави зелен појас, да се засади зеленило и високи дрвја за да се ублажи загадувањето и бучавата. Тоа и му го предложивме на министерот Филипче“, изјави Јовановска за НОВА.
Министерот Филипче тврди дека пред да биде распишан тендерот ќе се направи елаборатат со кој треба да се осмисли како да се заштити клиниката од бучавата и издувните гасови од возилата. Тој не прецизирана дали е избран проектант за монтажните гаражи, кои се планира да бидат од челична конструкција.
„Ќе водиме сметка за сите овие работи, внимателно ќе се изработи елаборатот“, изјави кратко Филипче, за НОВА.
Филипче не одговори кој ќе стопанисува со катните гаражи, бидејќи како што рече, ќе биде распишан тендер за оваа намена, нешто што се најавува од август годинава.
Според она што може да се слушне во кругови од областа на градежништвото веќе постои голем интерес за стопанисување со катните гаражи.
Според некои проценки во Клиничкиот центар дневно влегуваат 2.200 посетители, а во оваа бројка не влегуваат вработените.
Идејата за изградба на монтажни гаражи Филипче ја обелодени уште во март годинава, кога Владата се произнесе дека Клиничкиот центар нема да се гради на ова место, туку на друга локација.