Денеска се навршуваат 18 години од атентатот врз првиот претседател на Македонија Киро Глигоров.
Синоќа беше промовирана публикација за овој се уште нерасветлен настан. Издавачите, Форумот за безбедност и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, го претставија како мистерија, јавува Телма ТВ.
Тие сметаат дека државата треба да преземе активности за расветлување на атентатот и откривање на нарачателот. Издавачите нагласија дека поради зголемувањето на интересирањето за атентатот врз Глигоров добиле сигнали дека може да бидат загрозени нивните животи.
Според говорниците, од информациите на определени центри, како на пример од ЦИА, се дознава дека во некои балкански центри, во нивните концепти, постоеле опции за воена интервенција врз Македонија, а пречка им бил токму Глигоров. Атентатот требало да ја смени структурата во Македонија.
Идејата била на државата да и се скине главата и да се рекомпонира владејачката структура во земјата и таа, спроти Дејтон, да се вовлече во војна и да се распарчи, беше истакнато на промоцијата.
Атентатот се случи пред хотелот Бристол на 3 октомври 1995 година, во 9 часот и 50 минути додека Глигоров ја минувал редовната рута, како и секое утро, до своето работно место во Собранието.
Бомба беше поставена во автомобил АМИ 8, кој експлодираше кога автомобилот на претседателот минувал покрај него – 20 килограми експлозив беа активирани со далечински управувач.
Автомобилот бил намерно избран за поставување на бомба, затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот.
Претседателот Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата.




