Седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на чиј дневен ред е предлогот за одземање на мандатот на Никола Груевски е закажана в среда во 11 часот.
Членовите на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот се изјаснија дека нема да гласаат за одземање на мандатот на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Освен Канческа Милевска, во оваа група се пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајловска-Старова и Емилија Александрова.
Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на двегодишната затворска казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната. Адвокатите на Груевски најавија жалба.
Целата оваа постапка во максимални рокови би требало да заврши за 9 дена, односно до 8 ноември, кога е крајниот рок до кога Груевски треба да се пријави на издржување на казната затвор во Шутка.
Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.