Анекс договорите за познатиот Музеј на ВМРО, се пример за тоа како преку проектот Скопје 2014, на сомнителен начин се испумпуваат милионски суми евра народни пари, соопшти пред новинарите Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.
„За овој музејски комплекс, основниот договор во вредност од 4,5 милиони евра е надграден и проширен со дополнителна серија на анекс-договори во вредност од неверојатни 10 милиони евра.
– Восочните фигури, не биле предвидени во основниот договор, па затоа дополнително било потребно да се потрошат уште 2,5 милиони евра со анекс на договор.
– Освен што не биле предвидени восочни фигури, не биле предвидени ниту основен проект, сценографски елементи, ентериер, мебел, осветлување, идеен проект…. еден куп непредвидени работи во висина од околу 8,5 милиони евра“, истакна Манчевски.
Според него потребни биле уште 1 милион евра за довршување на објектот и уште половина милион евра за „дополнителни непредвидени работи“.
Манчевски посочи еден анекс-договор, за склучување во постапката без оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција, со фирмата „Бетон Штип“, во висина од речиси 1,5 милиони евра како причина стои (цитирам): „не постои доволна конкуренција“!

Дали потрошените милионски суми евра народни пари за „непредвидени дополнителни трошоци“ завршуваат во џебовите на високите функционери на Вашата партија?, праша Манчевски, потпретседателот на СДСМ.



