Македонските граѓани, модернизацијата на агрегатите во ТЕ Битола ја платија 160 милиони евра. Сомнителното спроведување на јавните набавки и леснотијата на трошењето на парите од страна на АД ЕЛЕМ ги чини граѓаните 96 милиони евра повеќе, изјави денеска пратеникот од редовите на СДСМ, Благоја Стојановски.
Тој рече, АД ЕЛЕМ, обидувајќи се да се оправда за потрошените 96 милиони евра повеќе, вели дека понуда за модернизација на ЛОТ 2 доставила само фирмата „Технопрометекспорт“, но потенцираше, цитирајќи ги ЕЛЕМ, „понудата содржела неадекватно техничко решение“.
Според Стојановски во дел од Извештајот на Комисијата јасно и недвомислено стои дека „технички понудата е прифатлива“ и треба да се разговара од аспект на намалување на цената до 20 проценти.
Пратеникот од редовите на СДСМ, праша дали доколку АД ЕЛЕМ ја намалеле цената за 20%, тогаш понудата ќе беше технички прифатлива?
„Зошто кога ја објавувате втората набавка за модернизација на котли, како причина за поништувањето на првата набавка наведувате дека е тоа понуда со „нереално висока цена“ и дека тоа е причината за да не се изврши избор?“, рече Стојановски. „Зошто во последната фаза влеговте во ценкање со цената, доколку, како што велите во вашето соопштение, кажувате дека оваа компанија не ги исполнува техничките карактеристики?“
Тој на денешната прес-конференција упати уште едно прашање „Кога лажевте: во вашите официјални документи во Извештајот од евалуацијата, во Извештајот до Биро за јавни набавки или во вашата вчерашна реакција?“
Според него, фактите не ги извртува СДСМ, туку АД ЕЛЕМ бесрамно лаже.
– Доколку се прифатеше оваа понуда, до 2012 г. ќе беше завршена комплетната модернизација и автоматизација на РЕК Битола. Оваа година се вршеше модернизација на котлите на еден од блоковите во РЕК Битола и тој блок не работеше три месеци. За првите седум месеци од 2013 година, во државава има увоз на струја кој чини 73 милиони евра. Логично е дека увозот на струја ќе беше значително помал, ако овој блок работеше. Очигледно на некого му одговарало да не се совпадне времето на реализација на предвидените работи на ЛОТ 1 и ЛОТ 2, за да се обезбеди дополнителен увоз на струја, истакна Стојановски.
Тој заклучи дека штетата на крај ја плаќаат граѓаните на Република Македонија, кои увозот на струја ги чини дополнителни 73 милиони евра во првите седум месеци. Ова е извонреден пример како на законски начин со вашите закони им ги влечете парите од џебот на граѓаните. Вака не смее да работи државна компанија.



