Полицијата во Црна Гора потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември и истиот ден ја напуштил земјата.
„Поради интересот на медиумите за поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски, а во интерес на вистинито информирање, соопштуваме дека Никола Груевски влезе во Црна Гора на наведениот датум 11 ноември и истиот ден ја напушти земјата. Црногорската полиција во овој случај во целост ги испочитува законските процедури“ пишува во соопштението.
Полицијата не соопштува повеќе детали како Груевски влегол во земјата и од кој граничен премин заминал.
Претходно, полицијата во Албанија соопшти дека Груевски ја напуштил Албанија на 11 ноември во 19 и 11 часот, по што патувањето продолжило во ноќните часови и низ Црна Гора.
Груевски бил во возило сопственост на унгарската Амбасада во Тирана. Тој влегол во Албанија на илегален премин и најверојатно една вечер поминал во Унгарската амбасада во Тирана, каде и го доставил барањето за азил. Како стигнал од Црна Гора до Будимпешта се уште е нејасно.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска е во работна посета во Црна Гора каде што улествува на Форум за Западен Балкан.