Во Македонија, на веб страната на Агенцијата за лекови(МАЛМЕД)нема никакво известување за употреба на овој лек. Во МАЛМЕД велат дека ќе контактираат со Агенцијата за лекови во Србија, за да видат од каде доаѓа предупредувањето
Лек кој се употребува за исфрлање на вишок течности кај лицата со висок притисок, а во својот состав има хидрохлортиазид може да предизвика два типа на рак на кожата, предупредува Агенцијата за лекови во Србија.
Носителите на дозволи на овој лек и Агенцијата за лекови на Србија во вторникот писмено ги известиле лекарите од ризикот на базоцелурален и планоцелурален карцином на кожата кај пациенти кои користат поголеми дози од овој лек, а секоја промена кај болните да ја пријават во Центарот за фармаковагиланца. Во известувањето стои дека фармакоепидемиолошките испитувања покажале дека постои зголемен ризик од немалономски карцином на кожата при употреба на повисоки дози од овој лек.
Од Агенцијата ги известуваат пациентите кои го земаат овој лек да ги следат сите промени на кожата и веднаш да го известат својот лекар доколку забележат сомнителни разлики.
Овој лек не е повлечен од аптеките, само е дадено предупредување. Тој и наоѓа многу широка примена, а лекарите најчесто го даваат со терапија против висок крвен притисок. Неговото дејство се состои во тоа што ја исфрла водата од организмот, го снижува притисокот и ги намалува отоците.
Голем процент од полулацијата страда од висок крвен притисок, а се повеќе млади луѓе се соочуваат со овој проблем и се ставени на терапија против оваа болест.
Во Македонија, на веб страната на Агенцијата за лекови(МАЛМЕД)нема никакво известување за употреба на овој лек. Новиот директор Ќамил Ибраими вели дека немаат никаква пријава за несaкано дејство, ниту пак некој од интернистите пријавил такво нешто. МАЛМЕД не ги известиле лекарите за можниот ризик од овој лек.
„Немаме никакво известување од лекарите интернисти, ниру клинички испитувања докажале такво нешто. Заради тоа и не сме ги известиле сите лекари и носителите на дозволи“, изјави Ибраими за НОВА.
Тој најави дека ќе контактираат со Агенцијата за лекови во Србија, за да видат од каде доаѓа предупредувањето.
Лекари за НОВА велат дека ризикот од рак на кожа може да постои кај пациенти кои го консумираат лекот во поголеми концентрации и тоа со години.