Да, некој мора и ова да го знае- политичарите немаат пријатели. Особено кога се на власт, тогаш особено.
Оттука, критиките кон Заев и Спасовски дека не го спречиле бегството на Груевски, може да се протолкуваат само како тенденциозни, злонамерни, антидржавни и непријателски, господа, нека ви служи на чест.
Наместо да се увиди и уважи сарказмот на Заев дека ако Груевски по своја волја не избегал, тогаш има само втора опција- дека бил киднапиран, јавноста продолжува да го истура својот фрустиран гнев и бес кон власта, потсмевајќи се најбезобразно и сурово кон ваквиот духовит и воедно апсурден расплет на настаните.
Необјаснивиот револт на размазениов народ оди дотаму, што неверојатноста на ситуацијата не ја разбираат, во услови кога хумор и досетливост се единственото што може да се понуди од оваа власт. Избезумени, наместо да се чувствуваат ослободени од Груевски и груевизмот во нив, луѓево почнаа да бараат веднаш да бидат изброени, да не ги киднапирал некој, а да не знаат.
Дури одат дотаму во изопаченоста на критиките на кутрата Влада, што се закануваат со револуција, ако не им се удоволи на барањата – власта да им ги наполни сметките, за да имаат што да им платат на евентуалните киднапери.
Луѓево се однесуваат најбесчувствително во занес за сопствената важност, како што само се може во оваа земја на која власта се и пружила а не добила ниту благодарам за возврат.
Дрско се потсмеваат и велат дека му биле правени магии на Заев и затоа спомнува киднапирање, инсистирајќи да се консултира со неговиот лекар или фармацевт, пред да дава такви драматични и бизарни изјави.
Но, тука не завршува се, затоа што барањата на овој незаситен народ одат дотаму, што хистерично ја повикуваат власта да внимава и Мијалков некој да не му го киднапира пред нос.
Како навистина да се може да се внимава кој е следен за киднапирање, особено кога се има власт, колку се наивни и неквалификувани овие граѓани на кои така великодушно им било дозволено да бидат сведоци на историските моменти и сонародници на луѓето кои ги водат во уште поапсурдни и научно-фантастични авантури во време на нивното владеење.
Скандалозните критики на народот одат дотаму, што после изјавата за киднапирање, велат дека се заклучува дека Груевски и нанел психички растројства на целата Влада.
Суровоста ја превршува мерката, што посегнува и по длабокоумните пиарови на Владата, па апелите стигнуваат насекаде- ако пиаров сака поголема плата, треба отворено да му побара на Заев. Затоа што ова не било начин, да се халуцинира со киднапирања, бре, бре.
Каква дрскост и неснисходливо однесување на овој отровен народ кон луѓето кои добиле власт за да покажат широк, отворен, расен интелектуален дух на циници, тогаш кога работите одат стрмоглаво во бездна, од која враќање никој не може да насети.
Народот без мерка и и почит кон власта, ја обвинува дури и за упад и интервенција во нивното идно незнаење, дека за Груевски ќе знаеле само кога се родил. Велат дека во следните пет-шест децении, графата на физичка смрт никогаш нема да ја дознаеме.
Но, навистина, која е перспективата на Груевски, овие денови, овие моменти- да заврши како Сноуден, кој само прегратката на Путин беше се што знаеше да прифати.
Ако му го разгледате профилот на Сноуден на Твитер, ќе забележите 3.8 милиони луѓе кои го следат. А тој има само еден профил кој го следи- оној на НСА. Во судбината на Груевски е запишано дека ќе биде обратна ситуацијата од онаа на Сноуден- многу милиони му се зад петици, на којзнае колку служби и непријатели веќе ја гледа сенката.
Затоа, бидете нежни кон оваа Влада- пеколот кој таа му го направи на Груевски со бегството, ниту една власт никогаш нема да биде во состојба да го повтори.