Директното компјутерско рангирање на најдобрите 1.600 апликанти кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување на лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“ ќе биде извршено денеска во рамки на отворена програма која ќе почне во 12 часот на програмата на Македонската телевизија.
Пријавени се повеќе од 20.000 лица. Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции.
Изборот ќе биде извршен од компјутерски електронски софтвер кој ќе содржи податоци за апликантите собрани на три начини заради обезбедување транспарентност и правичност на процесот. Првиот вид се податоци кои самите апликанти ги навеле во обрасците што ги имаат доставено до ЈП „Македонски шуми“. Вториот вид се податоци со кои располагаат државните институции (УЈП, ФПИОМ и Агенција за вработување), а кои се обезбедуваат по службена должност и третиот тип се собрани од специјализирани тимови на институциите кои извршиле теренски посети на поедини апликанти за да ја утврдат веродостојноста и точноста на наведените податоци.
Лицата кои нема да бидат избрани од софтверот ќе имаат можност за жалба до Второстепена комисија, како и право да поведат управен спор. Лицата, пак, кои ќе се најдат меѓу 1.600-те првично ќе бидат вработени во ЈП „Македонски шуми“, а потоа дел од нив ќе останат на работа во ова јавно претпријатие, а другите дел ќе бидат преземени во други институции согласно нивните потреби за што методологијата ја изработува Министерството за информатичко општество и администрација.




