„Администрацијата е веќе пребукирана, преоптоварена и има кадри кои можеби на некој друг начин би можеле да го решат тој проблем. Секако, развојот на економијата и јакнење на приватниот сектор е еден дел каде што овој проблем може да се реши“, смета Петар Атанасов од ИО на СДСМ по така наречената лотарија за вработување на 1.600 нови лица, за што аплицираа повеќе од 20 илјади од најранливите категории во администрацијата, односно во ЈП Македонски шуми.
Според него со овој потег што денес се случи Владата на Република Македонија навистина го руши достоинството на невработените, на оние со низок животен стандард или оние што живеат на дното.
„Мислам дека навистина е деградирачки да се пријавите и да очекувате некаква среќа да ви подели работно место. Не знае човек што да каже. Еве, се надевам оваа идеја нема да и падне на памет на владата да ја спроведе, на пример, да организира гладијаторски игри на арената Филип Втори и од 2-3 илјади луѓе, оние што ќе преживеат да добијат вработување и станови. Навистина тажно изгледаат овие проекти на Владата на РМ, Субрата Рој, лотарија за вработување и сето она што како игри и леб му го нудат на народот“, истакна Атанасов.




