Тешки квалификации дека е „нехристијанска и парацрковна“ организација доби Македонска православна црква од други православни цркви на вчерашното одбележување на 1.700-годишнината од донесувањето на Миланскиот едикт во Ниш, Србија, објавува Дневник.
Вакви навреди се изречени поради случајот со Јован Вранишкоски, кој беше расчинет од МПЦ поради придружувањето на СПЦ и е осуден на затворска казна поради финансиските малверзации. Обвинувањата беа содржани во обраќањето на вселенскиот патријарх Вартоломеј на крајот од свеченоста, а кое го читаше српскиот владика Иринеј бачки, познат негатор на првото на македонска црковна автокефалност.
– Во нашите православни цркви повторно зајакнуваат разни расколи, ереси, отпадништва. Ерарсите се прогонуваат, како, на пример, архиепископ охридски Јован. Свештениците, монасите, верниците биваат прогонети за зборот Божји, бидејќи не се согласуваат да се вклучат во антихристијанска и псевдоцрковна организација, а тоа е помогнато и од државните структури. Затоа што го носат името Христово, тие се прогонуваат без каква и да е причина и вина – се потенцира во обраќањето на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој го читаше српскиот владика Иринеј.
Претходно тој порача дека „Господ Исус Христос“ е повторно распнат со појавите на расипаност и ненаситност.
– Тие што ја зборуваат вистината ги распнуваат. Во овој свет владее неслобода – рече тој.
Според Дневник сценариото на обраќањето било направено така што патријархот Вартоломеј го почна своето обраќање на грчки, за по неколку реченици српскиот владика да продолжи да го чита однапред подготвениот превод на целиот текст.
Дури при крајот на петнаесетминутното обраќање вселенскиот патријарх повторно доби можност да каже неколку реченици на грчки, кои потоа пак беа преведени на српски јазик.
Додека бачкиот владика ги кажуваше тешките навреди на сметка на МПЦ-ОА, зад него и зад патријархот Вартоломеј беа поглавари на седум православни цркви, кои учествуваа на ова православно чествување на јубилејот од признавањето на христијанството како вера од страна на римскиот цар Kонстантин во 313 година, роден токму во Ниш. Навредата кон МПЦ-ОА ја слушаше и рускиот патријарх Kирил, иако Руската православна црква никогаш досега не ја третирала МПЦ-ОА како „нехристијанска и парацрковна организација“.
Напротив, руската црква постојано има добра соработка со МПЦ-ОА, ги прима нејзините претставници, праќа свои владици во посета на нашата црква, кои се среќаваат со македонски митрополити. Московската патријаршија досега повеќепати се обидела да помогне во решавањето на проблемите во релациите меѓу МПЦ и СПЦ, но залудно нудејќи ја формулата за „самостојна црква“.
РПЦ на неодамнешното чествување на примањето на христијанството од страна на Русите, во заедничкото соопштение воопшто не го спомна случајот со Вранишкоски иако СПЦ постојано го потенцира. Освен московскиот патријарх, беа присутни и ерусалимскиот патријарх Теофил, кипарскиот Хризостом, грчкиот Јероним, полскиот Сава, албанскиот Анастасиј, чешкиот Симеон. На пониско ниво беа претставени Романската, Бугарската, Грузиската и другите православни цркви. Сите тие претставници мирно го сослушаа обраќањето на вселенскиот патријарх Вартоломеј изговорено преку српскиот владика.
– Верувам дека на сите им е позната причината за нашето отсуство – станува збор за неприфаќање на нашата света црква, но фактите говорат дека ние постоиме, дека нашата црква постоела, а очигледна е и иднината на нашата света црква, затоа што Охридската архиепископија е вековна црква на овие простори, била мајка на повеќе цркви од нашето опкружување, а денес таа не е прифатена повеќе од јасно зошто, изјави вчера поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.




