Европската комисија ќе додели петта по ред позитивна препорака за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија, но повторно само двапати ќе ја употреби придавката „македонски“, а во исто време има нов услов – воведување „медиумска култура“.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова се трите главни поенти од претстојниот прогрес-извештај што еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе го објави на 16-ти овој месец. Првпат годинава, извештајот на Комисијата се држи во строга тајност и ќе биде познат на денот на неговото објавување.
Откако пред две и три години целосно исчезна, придавката “македонски“ повторно како и лани ќе се најде само двапати во претстојниот прогрес-извештај за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите. Откако лани беше употребена само за „македонска Влада“ и „македонски институции“, овојпат се очекува да биде слично употребена, а не за посочување на „македонски јазик, нација или народ“, со оглед на тоа што лани, на денот на неговото објавување, по интервенција на грчката еврокомесарка за рибарство Марија Даманаки, придавката „македонски јазик“ беше исфрлена два часа пред официјалното објавување на извештајот.
Најново во овој извештај е што во однос на слободата за изразување и слободата на медиумите во Македонија, за што повторно се очекуваат негативни забелешки, Комисијата воведува нов услов – „медиумска култура“. Тоа ќе се бара од Македонија да се воведе, иако не е јасно што значи и како истото барање би требало да се спроведе на дело.
Она што уште е недостижно за Македонија, поради грчко-бугарските блокади, освен официјален почеток на пристапните преговори е и отворање на т.н. скрининг процес, што според искуството на Црна Гора и Србија, можно е да се одвива и без формален почеток на преговорите. Скрининг е процес во кој се споредува компатибилноста на законите на земјата-кандидат со ЕУ-законите во одредени поглавја. Што се подобро компатибилни тие закони, толку побрзо поглавјата (а ги има вкупно 35) може да се отворат и затворат.
Притоа, при секое отворање и затворање на поглавјата, како и отворање и заклучување на преговорите, секоја држава-членка има можност да блокира. Во пракса, тоа значи дека најмалку 72 пати една држава може да го закочи процесот оти во процесот на проширувањето, одлуките и понатаму се носат со консензус.




