Поранешниот координатор на Пактот за стабилност, Ерхард Бусек, ги повика медиумите од регионот, да извршат притисок за решавање на проблемот околу спорот со името помеѓу Македонија и Грција.
-Медиумите треба да направат притисок за решавање на спорот со името помеѓу Македонија и Грција. Треба да се притиснат нашите европски колеги, Грците, да бидат пофлексибилни кога е во прашање решавањето на овој спор. Во исто време, треба да се знае дека реакциите кои доаѓаат од Македонија не се добри. Јас ги разбирам Македонците и нивниот проблем околу името, но тоа не се решава преку историски фрустрации- рече Едвард Бусек, говорејќи на годишна конференција на Организацијата на медиуми од Југоисточна Европа СЕЕМО.
Бусек побара медиумите да имаат јасни ставови за одредени прашања и преку пишување и наметнување на нивниот став во јавноста да го градат јавното мислење и демократските процеси. Бусек очекува регионот на Западен Балкан набрзо да биде дел од Унијата иако признава дека „Западен Балкан“ е термин кој не значи ништо.
-Кога започна иницијативата за Западен Балкан, која ја водеа Соединетите Американски држави, прашањето беше какво име да се одбере, а да не биде „земјите од поранешна Југославија, минус Словенија, плус Албанија“. Тогаш беше речено, овој регион да се именува како „Западен балкан“ иако тој поим не значи ништо – објасни Бусек, анализирајќи го политичкиот амбиент во регионов.
Од Сараево
Саше Димовски




