Основното јавно обвинителство отвори предистражна постапка за основано сомнение дека фиксната телефонија во објектот била снимана во периодот од септември 2016 па се до денес. Во објектот се наоѓаат Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија.
Првиот разговор е од 30 септември 2016 година, а последниот е од вчера.
Телефонските разговори биле снимени на два хард диска кои Јавното обвинителство и веќе ги поседува, соопшти на брифинг со новинарите Јавниот обвинител Љубомир Јовески.
Ќе се прави вештачење за да се утврди кој снимал, со која цел и дали прислушуваните разговори биле изнесувани надвор и дали е нешто бришено во нив. Ќе се утврдуваат сите аспекти од настанот, вклучувајќи проверка на тендерската документација за набавка на опремата, овластувањата за нејзино користење, како и дали, во колкав обем и за кои цели е вршена употреба на снимените податоци.
Телефонската централа била набавена преку тендер и била сместена во посебна просторија во Јавното обвинителство. Централата за фиксна телефонија била инсталирана во 2013 година.
Јовески, во интерес на истрагата не сакаше да открие повеќе детали за овој случај.
Ќе се истражува и дали била прислушувани телефонски разговори и на Обвинителството за организиран криминал.