„Во моето вчерашно соопштение до медиумите не сум обвинил никого за попречување на активностите на Избирачкиот список. Напротив, во неколку наврати бев прозиван за истото“, вели претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
– Не е точно дека мојата вчерашна реакција била испратена во името на Државната изборна комисија, туку истата беше дадена во мое име, како претседател на ДИК што потоа во дел од медиумите, вклучувајќи го и јавниот сервис на МТВ беше коректно пренесена.
– Исто така, не сум посочил дека некој ја опструира работата како што наведуваат дел од моите колеги, туку потенцирав дека дури и да сакам не би бил во можност на кој било начин да ја кочам работата, бидејќи членовите на ДИК од власта имаат мнозинство и во колективен орган како што е ДИК можат да иницираат свикување на седници, расправи и да одлучуваат со мнозинство гласови, независно од ставот на претседателот на ДИК.
– Потенцирам дека во моментот ДИК преку експертите на ОБСЕ работи на прашања поврзани со проверката на Избирачкиот список, вели Кондарко во соопштение до јавноста.
„Ме радува што во реакцијата на колегите се потврдува дека Работната група за проверка на Избирачкиот список функционира. Меѓутоа, факт е дека Државниот завод за статистика се уште не ги има доставено податоците од редовното годишно ажурирање на Избирачкиот список од јули 2013 година за што истиот е се уште надлежен, бидејќи ДИК ја нема преземено во целост обработката на податоците во Избирачкиот список согласно член 194 став 2 од Изборниот законик. Ова се потврди и на последниот состанок на Работната група одржан на 19.09.2013 година на кој иако уредно беа поканети не присуствуваа претставници на ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на претседателот на ДИК.




