Казна и одмазда кон мене – вака поранешниот разузнавач Слободан Богоевски се бранеше пред Судот. На обвинителна клупа седнаа двајца скопски адвокати Владо Пешликовски и Васко Томановиќ, уште двајца управители на фирми и еден словенечки државјанин. Се товарат дека испрале еден милион евра, извести ТВ 24 Вести
„Обвинението е неосновано. Во него нема опис за ниту едно од делата за кои се товарам. Во самиот акт има докази кои сами го негираат обвинението. Во овој случај сите профитирале и си ги оствариле интересите. Никој не пријавил штета и никој нема остварено противправна корист. Притворени сме повеќе месеци и од тоа веќе имаме сериозни последици по нашето здравје.“, рече во својот исказ Богоевски.
Исказ пред Судот даде и првообвинетиот Адвокат Томановиќ. И тој во целост ги отфрли обвиненијата. Нивните адвокати за сега не сакаа да го коментираат случајот. Чекаат да видат како понатаму ќе се одвива процесот.
Според обвинението, со измама на словенечки Меркатор, осомничените им ги зеле парите наводно за да издејствуваат раскинување на договорот на државата со кипарската фирма Централ Балкан за градежно земјиште кај спортскиот центар Борис Трајковски, за кое биле заинтересирани Словенците, но договорот меѓу кипраните и државата претходно веќе бил раскинат по слово на Законот, поради неисполнетите обврски при купопродажбата во 2000 година.
Парите првин легнале на сметката на фирмата со исто име како и кипарската што во Скопје ја основал Томановиќ, а потоа за да се прикрие трагата на нелегално стекнатите пари, поголемиот дел од нив преку договори за наводно посредување биле трансферирани на Богоевски и фирмата на Пешликовски.
Државата во случајот според досегашните информации не е оштетена, но според Законот, за делото перење пари не е неопходно да има оштетен, се вели во извештајот на ТВ 24 Вести




