Во Македонија пописот на населението е политичко прашање, за кое власта 11 години нема решение, се вели во статијата објавена на Ал Џезира.
Во Македонија нема да има попис на населението ниту идната година. Пописот е политичко прашање за кое владеачката коалиција нема решение.
Несогласувањата настанаа со пописот на граѓаните кои живеат надвор од земјата, зашто Македонија има бројна дијаспора од двете заедници. А процентите на заедниците се врзани за одредени права, известува новинарот на Ал Џезира од Скопје.
Семеството Пејчевски живее во скопското село Стајковци. Во животот на Велчо и Снежана за 11 години, кога последен пат беше спроведен пописот во Македонија, се промениле многу работи. Тие се венчале 2004 година и добиле три деца. Имаат свои планови за иднината.
Колку нови семејства како Пејчевски се формирале во Македонија од 2002 година не се знае точно. Пописот кој почна да се прави во октомври 2011 година беше прекинат. ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ се судрија поради начинот на кој беа попишувани граѓаните кои живеат надвор од државата.
Абдулменах Беџети, поранешен член на пописната комисија од 2011, рече: „Лидерот на албанската заедница во Вадата цело време алудираше дека со пописот ќе бидат опфатени сите кои во последните шест месеци барем еднаш биле во Македонија. Затоа што голем број од албанската заедница работи во странство.“
Претставниците на Македонците во пописната комисија се повикуваат на препораките на Еуростат.
„Ако жителот е над една година отсутен од државата, тој не треба да припаѓа на вкупниот број жители во земјата“, вели Дончо Герасимовски, претседател на бирото за попис 2002 година.
Професорот по меѓународно право Љубомир Фрчковски смета дека правата остануваат посебни права за етничките заедници независно од резултатите од пописот, тогаш веројатно ќе се релаксира притисокот од очекуваните бројки или проценти кои дирекно би биле врзани за правата.
За сега не постои политички договор за организирање на попис, а ниту во буџетот за 2014 година не се предвидени пари за оваа намена.
Кога во Босна и Херцеговина ќе биде спроведен попис, Македонија и Сомалија ќе бидат единствените држави во светот без попис на населението.



