Бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин изјави дека е оптимист оти во блиска иднина ќе биде постигнат сериозен напредок во врска со договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија.
Во интервју за Бугарското национално радио, Вигенин рече дека проблемите со Македонија на прв поглед изгледаат сложени, но можат да се решат и тоа би било во интерес и на двете земји.
„Процесот на преговори со Македонија продолжува во максимално отворен дух, а дали ќе успееме многу бргу да стигнеме до заемно прифатливи решенија во многу ќе зависи од добрата волја на македонската страна“, изјави шефот на бугарската дипломатија. Според него, Бугарија веќе искажала подготвеност за компромис, а тоа, како што вели, го очекува и од македонската страна.




