СДСМ смета дека преку апсењето на Мирослав Шиповиќ власта сака да го прекрои советот на општина Центар и да ја земе власта која што им ја одземаа граѓаните.
Според заменик претседателкатата Радмила Шеќеринска , она што вчера го најавиле денеска го потврдиле од ВМРО ДПМНЕ, а тоа е дека спектакуларните најави за апсење и хајката кон претседавачот на Советот на Општина Центар имаат за цел да се прекрои мнозинството во Центар, како и составот на советниците, а потоа да се земе власта која граѓаните им ја одземаа.
,,Граѓаните во една скопска општина и кажаа НЕ на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку месеци, но власта е глува.Пробаа да ја освојат општина Центар со Пустец. Не успеаа. Пробаа да ја заземат со лажни протести и каменување на зградата. Не успеаа. Пробаа да ја преземат општина Центар со петмесечна опсада и притисоци од сите државни институции. Пробаа да купат и да уценуваат советници. Не успеаа.Тоа што не им успеа со Пустец, сега сакаат да го спроведат со полиција: да ја преземат општина Центар и да ја погазат волјата на нејзините граѓаните,, – изјави Шеќеринска.
Таа нагласи дека не е случајно што името на акцијата е „претседавач“ бидејќи целта бил токму Шиповиќ како претседавач на Советот.
„Дали се сеќавате на поранешниот градоначалник на Старо Нагоричане поддржан од ДПМНЕ? Прегази човек, уби човек – ама за него немаше ни притвор. Беше градоначалник, го истера мандатот, потоа истата партија го постави и за директор. Кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за тоа дека законите важат за сите – го заборава ли ваквите, еден од многуте епизоди? СДСМ никогаш не бил ниту ќе биде суд. Ама, суд не е, ниту смее да биде ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту МВР,, – изјави Шеќеринска.
,,Ние нема да ги дозволиме ваквите тенденции во кои една партија, едно министерство, една институција, се претвара во суд со неограничена власт. Институциите нека продолжат со истрагата за „Машинопромет„, но притворот за Шиповиќ не смее да биде мерка и инструмент за прекројување на мнозинството во Општина Центар. За да докажат дека целта не им била претседавачот на Советот на Општина Центар ги повикуваме институциите предводени од ВМРО-ДПМНЕ да овозможат Шиповиќ да се брани од слобода. Еден по еден можете да ги апсите нашите советници – еден по еден може да не апсите сите нас, но нема да го спречите објавувањето на еден по еден од документите кои го покажуваат криминалот и корупцијата во Општина Центар особено онаа поврзана со Скопје 2014. Еден по еден да не апсите – нема да не замолчите и да не запрете да зборуваме за милионите кои се слеаа во некои приватни џебови,, -изјави Шеќеринска.




