Македонија се наоѓа пред избор од два правци, евроинтеграција или изолација, напоменал лидерот на ДУИ, Али Ахмети на средбата со директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Кристиан Дениелсон, јавува неговата партија.
За време на средбата со Дениелсон, Ахмети изразил надеж дека Македонија ќе добие датум за преговори за време на неговиот мандат. Лидерот на ДУИ ги напоменал заедничките достигнување на Македонија во соработка со меѓународната заедница и нагласил дека сите тие постигнувања се загрозуваат со нерешавањето на прашањето со името.
Ахмети му напоменал на Дениеслон дека Македонија го одбрала патот на интеграција како единствена заедничка иднина на сите граѓани на Македонија.
– Токму за тоа решение треба да се дебатира отворено и храбро во нашето општество со поглед кон иднината и да се претстават сите аргументи за и против патот на интеграцијата или тој на изолацијата – порачал лидерот на ДУИ.
Тој за време на посетата на Брисел, Хаг и Париз приредил и работен ручек за постојаните претставници на Грција и Бугарија при Европската Унија. На ручекот, Ахмети побарал да се интензивира дијалогот помеѓу соседите и страните да седнат да разговараат околу отворените прашања за да се решат поскоро.




