Промовиран е првиот прирачник со совети за убаво однесување кон лицата со попреченост – „На лице и наопаку“.
Во него се нудат совети како соодветно да се комуницира со лица кои користат колички, со слепите лица, оние со слаб вид и слух, лицата со низок раст, со церебрална парализа, со Даунов синдром, со скриена попреченосот, лицата кои страдаат од епилепсија.

Прирачникот го промовираше Центарот за подршка на лица со попреченост „ПРКОС“.

„Во општество кое е насилно и грубо, радосно е да се здогледа некој кој му пркоси на множеството насилие во гестот, во јазикот и на сета човечка распадливост“, рече Искра Гешоска, која говореше на промоцијата.
„Прирачникот кој денес Ви го нудат пркосните не е само книга која Ве упатува да ги совладате вештините и техниките на љубезноста, туку е буквар за совладување на азбуката и граматиката преку кои ќе го откриеме и научиме јазикот на благородноста, јазикот кој помага да се обликуваме во очовечени субјекти кои се грижат за другиот. Овој буквар подучува како се создава гнездо во кое секој еден ќе се чувствува згрижено, прифатено заштитено и достоинствено“, рече таа.
„Пркосот на луѓето кои ја живеат грубоста на ова општество достоинствено и храбро, не е собиралиште на гнев. Овие луѓе пркосат умно, достоинствено, конструктивно и секако креативно. Тоа што тие се обидуваат да го направат е речиси митско-херојски обид. Од светот на заборавот, на игнорирањето и на отфрлањето, од светот кој сака да ги направи невидливи, тие изнурнуваат и јасно укажуваат дека се субјекти рамноправни во своите капацитети“, додаде Гешоска.

Прирачникот ќе се дели и низ училиштата во Скопје.
Во Македонија нема официјален база на податоци со точна бројка на лица со попреченост, но неофицијално, според статсистичките податоци кои се користат во светски рамки, во земјата живеат 250 илјади лица со некој вид попреченост.




