Државата мора многу повеќе да посвети внимание за грижата на организациите на борците и чествувањето на своето минато. Државата мора да покаже дека на вистински начин со вистинска грижа се однесува кон победниците, порача заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска денеска од Прилеп, каде положи цвеќе пред Могилата на непобедените.
– Ни се случуваа ситуации кога борците ги оставивме на улица, се надевам дека овој празник ќе ги потсети сите дека такво нешто не треба да ни се повтори. Денеска граѓаните на РМ го чествуваат големиот празник 11 Октомври и очите се свртени и кон градот херој Прилеп, кој во вистинско време на вистински начин ја одреди судбината на РМ.
– Кога се навраќаме на настаните од пред 72 години мора да запаметиме дека секоја генерација има своја борба и дека секоја генерација мора да донесе одлуки кои што ќе ја одредат нејзината иднина. Пред 72 години нашите предци, вашите предци ја донесоа таа одлука во вистинско време и таа битка покажа дека Македонија е на страната на слободата и на страната на правата на граѓаните. Лошо е да ги чествуваме празниците а да не учиме од грешките или од победите во минатите, рече Шекеринска.




