Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се свесни дека вратите на НАТО се отворени за нив, ако ги надминат старите поделби, нагласи Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.
Според Расмусен, трите земји треба да покажат одговорност и вистински реформи, како и посветеност кон градењето мир и стабилност со своите соседи. Расмусен вели овогодинешното пристапување на Хрватска во ЕУ е важен чекор за интеграцијата на Југоисточна Европа.
Андерс Фог Расмусен кој пристигна во Дубровник, каде се оджува заседание на Парламентарното собрание на НАТО, имал разговори со хрватското раководство за престојниот самит на НАТО што треба да се одржи в година во Велика Британија.
-Евроатлантските интеграции се одвиваат во добра насока. Уверен сум дека Хрватска може да има важна улога за да им помогне на останатите земји од регионот да одат напред со неопходните реформи. Вратите на НАТО остануваат отворени. Но, земјите кои сакаат да станат членки мора да ги направат потребните напори и неопходните реформи за да поминат низ вратата, исткна Расмусен.
Тој уште еднаш го потврди ставот на НАТО кој го соопшти во Атина, минатата година, според кој, „вратата на Македонија за прием во НАТО е отворена, но прво треба да се реши името, како што беше одлучено на самитот во Букурешт во 2008 година“.
-За жал, оттогаш не видовме напредок, но одлуката од Букурешт се уште важи, потенцираше Расмусен.
На четиридневното заседание на Собранието на НАТО во Дубровник, кое ќе трае до 14 октомври, ќе учествуваат околу 300 парламентарци од земјите-членки и од партнерските држави.




