– Одбивноста на Владата на ВМРО ДПМНЕ за прифаќање на предлог мерката на СДСМ за враќање на 15% од Данокот на додадена вредност е симптоматична, бидејќи истата побудува голем интерес кај граѓаните, изјави на денешната прес-конференција, Ванчо Узунов, потпретседател на Социјалдемократскио сојуз.
Тој нагласи дека неговата партија очекува од ВМРО ДМПНЕ да коментира, и да дава предлози и сугестии, во однос на техничките аспекти за спроведување на мерката.
– Но, вели Узунов, ова веќе се граничи со патологија бидејќи според реакциите на Владата излегува дека во оваа држава никој, освен член на ВМРО ДПМНЕ, не може ниту да има, ниту да предложи било што издржано.
Узунов изјави дека во вчерашната реакција на ВМРО ДПМНЕ по повод последната изјава на Заев, за истата предог-мерка, наместо издржан коментар со факти и бројки, ДПМНЕ уште повеќе ја откриле својата намера за манипулација.
„Имено, наспроти тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека Заев говори дека враќањето на 15% од ДДВ-то ќе создаде приход од 30.000 денари годишно за секој граѓанин, факт е дека при образложувањето на предлог мерката СДСМ зборува(ше) за 20 илјади до 30 илјади денари годишно, по семејство, и тоа во просек. Тоа сосема ја менува пресметката“, надополни потпретседателот на СДСМ, додавајќи дека во буџетот на РМ, по основ на ДДВ, годишно се собираат околу 45 милијарди денари…според официјални податоци, даночното затајување се проценува на околу 35%.
Тој вели дека доколку со предлог мерката на СДСМ тоа затајување кај ДДВ-то се намали за две третини, тогаш во буџетот ќе се собираат по околу 55 милијарди денари годишно по основ на ДДВ. А 15% од тоа изнесува околу 8 милијарди денари, односно, околу 130 милиони евра.
Тој ја обвини Владата и за неспроведувањето на попис, за што се потрошени огромни суми на пари за кои никој не знае каде се.
Потпретседателот Узунов, вели, посебно е интересна конфузијата во изјавите дека оваа влада на ДПМНЕ претпочита пониски даноци, за разлика од СДСМ кој, наводно, претпочитал повисоки даноци кога предлок мерката за враќање на 15% данок значи помал данок за граѓаните.
– Второ, исто така е интересна упорноста на ДПМНЕ во тврдењето дека намалувањето на ДДВ-то за 15% ќе создаде намалување на буџетот, што ќе ги загрози исплатите кон граѓаните по разни основи…се прашуваме, дали ова инсистирање на власта дека може да дојде до проблеми со буџетот во иднина, всушност не значи „премолчено“ признавање дека државата е презадолжена, па обврските до таа основа кои ќе пристигаат во наредните години ќе го стават буџетот во „пренапрегната состојба“. Ако не е така, зошто е тогаш толку големиот страв на владата?, праша потпретседателот на СДСМ.
Тој во име на неговата партија, ја повика власта јавно да дебатираат по предложената мерика на СДСМ.




