Ерозијата на системот на компетентност при вработување во администрацијата во Македонија почна со „рамковните вработувања“, велат дел од експертите. Во зависност од тоа кои критериуми доминираат при вработувањето на државните службеници, системите се делат на „spoil” (споил) систем на плен или грабеж и „merit” (мерит) систем на способности и заслуги, се вели во анализата на Дојче Веле на македонски јазик.
Тие консеквентно се однесуваат и на понатамошното унапредување на службениците. Каква е можноста од најавената зголемена професионалност на јавната и државната администрацијата, ако вработувањата во неа не се спроведуваат според заслуги и компетенции, туку според други „критериуми”? Пример за тоа се последните вработувања во ЈП „Македонски шуми” на 1.600 лица од ранливи социјални категории, а премиерот Груевски веќе најави уште 300 вработувања за лица со посебни потреби. Д-р Марија Ристеска, професор на Универзитетот ФОН, потсетува дека македонскиот систем на државна служба е конципиран и основан на принципите на заслуга, „мерит” кои овозможуваат регрутирање на службениците преку точно утврдена процедура и критериуми кои овозможуваат развој на професионална администрација.
„За остварување на оваа цел е формирана Агенција за администрација која има улога во селекција на кандидати, но и се грижи за професионалниот развој на државните службеници и нивното оценување. Воведувањето на ‘споил’ елементи во системот на државна служба датира од 2007 година кога се усвојува Стратегијата за спроведување на рамковниот договор. Со Стратегијата се ставија во функција три елементи со кои се расипува ‘мерит’ системот: Регрутирањето на државни службеници според принципот на правична застапеност не се стави во надлежност на Агенцијата за администрација, туку на Секретаријатот за Рамковен договор; иако се отвараа конкурси со определени критериуми, тие не беа отворени за сите, туку само за припадниците на етничките заедници, што придонесе кон создавање поголема нееднаквост; процедурата во која беа избрани не беше иста со процедурата што ја пропишува Законот за државни службеници. Ова со вработувањата во ‘Македонски шуми’ всушност е идентично со она што се случува со рамковните вработувања. И тие оневозможуваат еднаков натпревар на сите заинтересирани за работните места кои се нудат. Исто така, процедурата не ја спроведува Агенцијата за администрација, туку МРТВ со специјален паментен софтвер”, ги наведува Ристеска констатираните аномалии.
Може ли да се да се вработат луѓе според професионални критериуми, а притоа да се испочитува и социјалниот момент? Може, вели Ристеска, и укажува дека посакуваните цели можеле да се остварат со почитување на сите постоечки критериуми и процедури, преку воведување на т.н афирмативна акција за социјално загрозените. Имено, тогаш приоритет за вработување ќе му се даде на лицето кое е социјално загрозено и ги исполнило сите критериуми, како и лицето кое не е социјално загрозено.
Според економистите, проблемот може да се реши само тогаш кога приватниот сектор ќе стане поатрактивен од јавниот, а политичките аналитичари во ваквите потези препознаваат можна увертира за предвремени парламентарни избори.
Анализата на Дојче Веле тука




