Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека Законот за ратификација на Договорот со Грција и за јазиците ќе ги испрати во Службен весник без потписот на Иванов.
„ Иванов има уставна обврска да ги потпише. Кога ќе се усвојат уставните амандмани, двата закони на кои јас ставив потпис ќе ги пуштам во Службен весник затоа што никој не смее да ја попречува волјата на Собранието“ кажа денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.
Седницата за уставните амандмани е закажана за 9 јануари, а Џафери очекува да заврши до 15 јануари или порано затоа што пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ нема да присуствува на седницата.
За идејата претседателот на државата да се избира во парламентот, наместо на директни избори, Џафери рече дека во политичките партии се размислува и за таква можност.
„Но, тоа подразбира нова постапка за уставни измени, значи мора да се менува Уставот за да се реализира таквата идеја. Во секој случај сега за сега останува решението, какво што е сега, претседателот да се бира на директни избори“, рече Џафери.
Џафери најави дека претседателските избори ќе ги закаже на 2 или на 3 февруари и тие би се одржале на крајот на април или почетокот на мај.