Во Клиничкиот центар денеска протестираат административните работници. Револтот се однесува на одлуката за покачувањето на платите со која администрацијата треба да добие покачување на платите од 5%, кое ќе се исплатува дури од месец септември 2019 година. Во Синдикатот на Клинички центар најавија дека е договорена средба кај министерот Филипче да се разговара за ова прашање.
„Договоривме средба за 15 часот која се однесува токму за покачување на платите на администрацијата“, кратко одговори Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар.
Вчера завршија преговорите за зголемување на платите во јавното здравство, со кои докторите специјалисти и наставно-научен кадар ќе добие покачување од 10 отсто, докторите по општа медицина и доктори на државна специјализација вработени во Клинички центар ќе добијат покачување од 5 отсто, здравствените работници со средна, виша и висока стручна спрема (медицински сестри, акушерки, медицински лаборанти, радиолошки технолози и слично ќе добијат покачување од 8 отсто, додека болничарите – транспортери и останатиот помошно-технички персонал ќе добие покачување од 8 отсто.
Овие покачувања на основната плата ќе се применуваат со јануарската плата од 2019 година.
За административниот персонал вработен во Клинички центар е предвидено покачување на платите за 5%, кое ќе се исплатува од месец септември 2019 година.
При ова, е договорено административниот персонал како посебно обучен за потребите на јавното здравство да остане и понатаму во рамките на кампусот клиники “Мајка Тереза“, Скопје.