Либералите вечерва донесоа одлука да се придружат на утрешните протести на СДСМ, по најавата за апсење на претседавачот на Советот на Општина Центар, Миодраг Шиповиќ, изјави за НОВА потпретседателот Нано Ружин.
Враќањето на Шиповиќ од САД во Македонија според најавите, повлекува негов притвор, за што тој во интервјуто за НОВА изјави дека и покрај апсењето, нема намера да даде оставка од функцијата претседавач. Тој додаде дека станува збор за политичко апсење, а не криминална истрага, затоа што криминали воопшто и не е направен.
Сепак, постои голема веројатност за блокада на Советот на Општина Центар, изјавуваат за НОВА од Центар.
Блокирањето на Советот би се случило доколку Шиповиќ го врати мандатот и оттука, би останале 11 члена на ВМРО-ДПМНЕ и 11 на СДСМ, со што во игра влегува Љубомир Медарски од ВМРО-НП.




