Епидемиите со мали сипаници многу не загрижуваат, не сакаме да дозволиме да ни се вратат некои болести кои што многу одамна се искоренети во нашата земја, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Вакцините се многу важни. Епидемиите кои што ни се јавуваат на мали сипаници многу не загрижуваат, не сакаме да дозволиме да ни се вратат некои болести кои што многу одамна веќе биле искоренети во нашата земја. Гледам многу лоши примери во околните земји. Покренавме многу кампањи заради тоа што навистина сметаме дека децата немаат апсолутно никаков ризик од вакцините, ниту пак може тие да се доведат во врска со било кое пореметување на здравјето. Тоа се само анти-кампањи кои што се темелат на неточни податоци“, изјави Филипче на доделувањето на наградите на конкурсот за ликовни творби на тема „Чисти раце-Добро здравје“.
Вчера лабораториски беа потврдени уште два нови случаи, дете на возраст од две и пол години од Куманово и жена на 32-годишна возраст од скопската општина Шуто Оризари кои не се епидемиолошки поврзани.
Со овие два случаи во последните десет дена регистрирани се девет случаи со мали сипаници. Од нив седум (шест деца и еден возрасен) се од скопската населба Радишани, каде на 19 декември беше прогласена епидемија.
По алармантната бројка од 15.000 невакцинирани деца само во Скопје, министерот за здравство Венко Филипче најави дека остануваат на ставот дека децата во градинка и во училиште треба да се примаат само вакцинирани, бидејќи никој нема право да го загрозува здравјето на останатите деца.
Дека постои опасност од разгорување на епидемијата во наредните денови во емисијата ПРОЦЕС, предупреди и прим.др. Биљана Даниловска специјалист епидемиолог од Центарот за јавно здравје, Скопје.
-Се уште не е помината кризата од појава на нови заболени кои се заразиле од првиот случај бидејќи инкубацијата трае од 12 до 21 ден, рече Даниловска.




