Косовската Влада да ја преиспита одлуката со која се воведува такса од 100 отсто на производите од странски компании кои се увезуваат во Косово од Србија и од Босна и Херцеговина, побара денес ЕУ.
– Со загриженост ја гледаме одлуката на Косово да ја прошири таксата од 100 отсто за производи од меѓународно признаени марки од други земји, вклучително земји на ЕУ, кои се произведени во Србија и во Босна и Херцеговина, се наведува во соопштението на ЕУ амбасадорите. Тие рекоа дека овие царини не се во духот на добрососедските односи и регионалната соработка.
– Ова би била вистинската одлука за да напредуваат европските аспирации на Косово и неговиот народ, се истакнува во соопштението.
ЕУ уште еднаш побара од сите страни да се воздржат од постапки кои ја поткопуваат европската порака за регионална соработка.
Косовската Влада вчера донесе одлука со која со воведува такса од 100 отсто на увозот на стоки од странски компании кои имаат свои производни погони во Србија и БиХ. Претходно, на 21 ноември, Владата на Харадинај воведе такса од 100 отсто на производи од двете земји, но таа мерка не важеше за странските брендови кои се увезуваат од тие земји. Со новата мерка сите стоки кои ќе се увезуваат од Србија и од БиХ ќе треба да платат такса во висина од 100 отсто од нивната вредност. Како што беше претходно објавено, во овој случај станува збор за девет познати меѓунаордни брендови.
Премиерот Харадинај е упорен во намерата да не ја повлече одлуката за таксата, се додека, како што вели, Белград не престане со агресивната политика и непријателското однесување кон Косово. Како последен доказ за таквото однесување, тој ги посочи писмата што неговата српска колешка Ана Брнабиќ ги испраќа низ земјите во светот, меѓу кои и до Албанија, за повлекување на признавањето на независноста на Косово.
По вчерашната седница, на која беше донесена одлуката за новите санкции, Харадинај рече дека таквото однесување на Белград за Косово е неприфатливо и дека таксата ќе остане на сила се до признавањето на Република Косово од страна на Србија.
Реакција на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Врање порача дека со воведувањето на новите мерки на Приштина, паѓаат во вода сите лаги на косовските политичари.
– Не постои таква сила во светот и таков човек во светот, кој ќе ме натера да зборувам за што било, додека не се повлечат таксите, дури и самиот Трамп да ме повика лично, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека „секој пат кога ќе кажат дека сме блиску до некое решение, а знам дека зборуваат глупости затоа што преговарам со нив, знам дека ќе превземат некоја офанзивна мерка“.
– Поентата е во тоа што Тачи треба да ја одоброволи меѓународната заедница. Тој кажува дека сме на добар пат да постигнеме договор, а ден потоа Приштина носи некоја нова мерки. Сега паднаа во вода сите нивни лаги, што ги изнесуваат за западниот свет. Се чини дека лагите беа насочени кон нив. Тие зборуваа за мир, дијалог, дека нема да има понатамошни мерки против Србите, дека нема да ги зголемат мерките, потсети Вучиќ.
Тој истакна дека Тачи и Харадинај сé прават координирано – еден патува низ светот и вели дека не се согласува со таксите, а ден потоа неговите луѓе гласаат за воведување такси.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека непостојат причини за страв од албанската приказна дека ќе „стигнат до Врање и Ниш“.
Тој ги негираше тврдењата на портпаролите на КФОР дека специјалните единици на косовската полиција имаат право да влезат во северниот дел на Косово.




