Американската стратегиска команда, која го надгледува американскиот нуклеарен арсенал, се извини за објавениот твит во кој напиша дека се подготвени да „падне нешто многу, многу поголемо“ од њујоршката кристална топка.
Твит пораката беше објавена на новогодишната ноќ, придружена со видео-снимка на која бомбардер Б-2 испушта бомби.
Стратегиската команда подоцна го избриша твитот и го замени со извинување.
„Нашиот претходен твит беше невкусен и не ги изразува нашите вредности. Се извинуваме. Ние сме посветени на безбедноста на Америка и на сојузници“ напишаа од стратегиската команда.
Инцидентот предизвика бес на интернет.

Претходниот твит гласаше „Традиционално Тајмс Сквер влегува во Новата година со спуштање на големата топка…Ако некогаш е потребно, ние сме подготвени да фрлиме нешто многу, многу поголемо”.
Твитот беше објавен неколку часа пред одбележувањето на Новата година која во Њујорк традиционално започнува со спуштање на кристалната топка од една од зградите на Тајмс Сквер.

Поранешниот шеф на американската канцеларија за владина етика, Валтер Шауб, објави на Твитер:„Какви манијаци ја водат оваа земја?“. Друг корисник на Твитер напиша:”На почеток, не верував дека ова може да биде реално, но тоа е. Срамно”.
Американската стратегиска команда е една од 10-те унифицирани команди во американското министерство за одбрана. Таа е сместена во воздухопловната база во Небраска. Командниот слоган е „Мирот е наша работа“, кој исто така се користеше во форма на хаштаг во контроверзниот твит.




