До средината на јануари целосно ќе се трансформира и домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Дел од децата веќе се сместени во два групни дома во Скопје, а до крајот на неделата дел од децата ќе се згрижат во мал групен дом во Штип. Последната група деца се очекува Домот „11 Октомври“ да го напушти до почетокот на второто училишно полугодие, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.
Пред неполни три месеци целосно беше трансформиран и Домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучени во редовниот образовен процес. Исто така до крајот на минатата година од Специјалниот завод „Демир Капија“ сите деца помали од 18 години беа сместени во мали групни домови каде што имаат 24 часовен надзор, и индивидуализирани програми и дефектолошки третмани.
Според планот до 2020 година ниту едно дете под 18 години не треба да остане во институција.
Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.