– Целта на нашето барање пред Основниот суд Скопје 1, е да ја потврдиме нашата намера изразувајќи протест во знак на солидарност, не за да вршиме притисок врз судот, туку да пуштиме силна порака да се почитува законот во Македонија и да се охрабрат судиите кои носат одлуки, да се одважат при носењето на тие одлуки да ги почитуваат законските одредби, изјави претседателот на Социјалдемократскиоt сојуз, Зоран Заев, објаснувајќи зошто тој, градоначалникот Жерновски, секретарот на партијата Спасовски, и Георгиев побарале прием кај Претседателот на судот.
Заев нагласи дека Законот ги нуди сите аспекти на олеснителни околности за да може да функционира локалната власт. Од тие причини, вели Заев, Шиповиќ е човек кој нема да побегне, напротив тој се враќа назад.
Според претседателот на СДСМ, тоа што Мирослав Шиповиќ е уапсен во Виена а не во САД, е доказ дека тој со своја волја се враќал назад, и изрази надеж дека многу брзо ќе биде во Македонија за да се брани пред се од слобода и да ја докаже својата невиност.
Тој кажа дека во судот предочиле што значи блокирањето на Центар, како и тоа дека неговиот имот, и станот на заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска ќе им бидат на располагање на судот како гаранција за Шиповиќ.
– Законот реално ги дава сите можности, кои што значат, одземање на патна исправа, нудење под хипотека на имотот на Шиповиќ, еднаш неделно да се јавува пред овој суд, и сто така ги нудиме и нашите станови кои што не се под хипотека, мојот стан, станот на Радмила Шекеринска, становите на нашите членови на раководството, се со крајна цел да добиеме право Шиповиќ да се брани од слобода, потенцираше Заев.
Заев уште еднаш нагласи дека неговата партија не бара амнестија за Шиповиќ.
„Сакаме судот да согласно законските одредби да си ја заврши работата. Со тоа сакаме силно да испратиме порака до МВР и Јавното обвинителство. Тоа се институции чии што челните луѓе се поставени од власт. Непочитувањето на пресумцијата на невиност и леснотијата при испорачување на барање за притвор, станаа веќе секојдневна пракса во Република Македонија“, објасни првиот човек во опозициската партија.
Тој посочи и фигуративен пример за владеењето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, и изјави дека СДСМ нема да толерира демонстрација на моќ и сила.
„Како што вели еден мој пријател, сите денеска носиме една жолта трака на левата рака, фигуративно кажано, само прашање на време е кога кој ќе биде повикан под туш. Овој страв и сила кои што се демонстрираат апсолутно ние нема да ги дозволиме“, заврши Заев.
Зоран Заев исто така изрази надеж дека нема да има потреба од наредни протести, односно дека неговата партија сака да води битки со ДПМНЕ на економски прашања, со проекти и идеи.




