Основен суд Скопје 1 попладнево издаде соопштение во врска со разговорот на претседателот на судот со претседателот на СДСМ Зоран Заев , градоначалникот на Центар Андреј Жерновски. Адвокатот Мирослав Вујиќ и пратеникот Оливер Спасовекси.
На средбата е разговарано за мерката притвор за Мирослав Шиповиќ во случајот „Претседавач“ и од судот беше побарано „да се обрне особено внимание на понатамошно опстојување на мерката притвор поради функцијата која тој ја извршува во општина Центар“, се вели во соопштението и се додава дека од страна на претставниците на опозицијата „било потенцирано дека мерката притвор доведува до блокирање на работата на општината“.
Како што е наведено во соопштението, било побарано да се земат предвид сите олеснителни околности и да се определи друга мерка за обезбедување присуство на обвинетиот Мирослав Шиповиќ во текот на постапката, а согласно одредбите од Законот за кривична постапка.
Претседателот на СДСМ истакнал дека е подготвен во понатамошниот тек на постапката да го понуди и сопствениот личен имот како гаранција за обезбедување присуство на обвинетиот Мирослав Шиповиќ, соопштуваат до судот.
„Тие како политичка партија бараат подршка од судската власт бидејќи од одлуката на судот зависи и непречното функционирање на Советот на општина Центар, а повлекување на Претседателот на Советот би значело признавање на вина од негово страна, кое нешто нема да го дозволат“.
Претседателот на Основниот суд Скопје 1 како што се нагласува, „во одговор на барањата изнесе дека спрема обвинетиот Мирослав Шиповиќ е определена мерка притвор со решение на истражен судија во траење од 30 дена од денот на негово пронаоѓање и лишување од слобода“.
-Најпрво е распишана национална потерница од Министерството за внатрешни работи, а по дадена изјава – согласност од истражен судија и меѓународна потерница за обвинетиот Мирослав Шиповиќ, кое нешто е редовно постапување на судот согласно одредбите од Законот за кривична постапка, нагласил претседателот на Судот, и, според соопштението нагласил дека судијата кој постапува по предметот одлуките ги носи самостојно и независно согласно законските одредби и дека судот не може да биде предмет на политички уцени и влијанија.
Претседателот на судот побарал од претставниците на политичката партија да направат јасна дистинкција помеѓу основаното сомнение поради кое се води постапката пред овој суд наспроти желбата на политичката партија да му се помогне на својот сопартиец без да бидат добро информирани за причните и основите поради кои се води оваа постапка.
– Од овие причини во насока на подигнување на угледот на судската власта Претседателот на судот побара од присутните високи претставници на политичката партија да се оградат од судската постапка и дејствијата на судот, а политичкото дејствување да го реализираат надвор од инстуциите на судскиот систем, нагласил претседателот на Судот и, како што е наведено во соопштението, истакнал дека во иднина при редовното преиспитување на мерката притвор, доколку се исполнети законските услови за укинување односно замена, мерката притвор може да биде укината или заменета со друга мерка со која ќе се гарантира обезбедување присутво на обвинетиот во текот на постапката, при што истото се однесува за сите обвинети во оваа постапка како и за сите постапки кои се водат пред овој суд кога се применува конкретната мерка за обезбедување присуство, за што постојат законски предвидени критериуми.
Во разговорот тој уште потенцирал дека оценката за исполнување на законските услови за укинување на мерката притвор или замена со друга мерка за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на постапката до подигнување на обвинение е во надлежност на истражниот судија, а по подигнување на обвинение во надлежност на Кривичниот совет на овој суд.
-Претседателот на судот, а по барање на присутните презема обрска дека за изнесеното на состанокот ќе биде запознаен судијата кој постапува по предметот, кој што без оглед на вака истакнатите барања постапката ќе ја спроведува законито, се вели во сопштението од судот.




