Министерството за правда ја почна постапката за екстрадиција на Мирослав Шиповиќ од Виена, потврди вчера министерот за правда Блерим Беџети.
„Шиповиќ се бара да биде екстрадиран во нормална постапка, очекуваме дека многу брзо ќе биде испорачан во земјава бидејќи немаме сознанија дека се бара за сторени други кривични дела надвор од Македонија“, изјави Беџети за 24 Вести. Максималниот рок за екстрадиција е 40 дена.
Откако вчера утрото Шиповиќ беше уапсен на Виенскиот аеродром и му биде одреден екстрадиционен притвор, по завршување на правните процедури тој ќе им биде предаден на македонски власти.
Стотина поддржувачи на Шиповиќ вчера протестираа пред Основниот сид Скопје 1 барајчи да му биде овозможено тој да се брани од слобода.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, изјави дека неговата партија нема намера да врши притисок, туку да пушти порака да се почитува законот и да се охрабрат судиите да носат одлуки во согласност со законот.
Тој кажа дека во судот предочиле што значи блокирањето на Центар, како и тоа дека неговиот имот, и станот на заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска ќе им бидат на располагање на судот како гаранција за Шиповиќ.
Градоначалникот на општина Центар пак, Андреј Жерновски, изјави дека не се плаши од наводната акција „Градоначалник“.
„За мене ова не е никаква случајност. Со ова се спречува реализирање на изборните ветувања, со ова се спречува поништување на ДУП – овите и нормално функционирање на општината, бидејќи на дневен ред имаме ребаланс на буџетот, а потоа и усвојување на буџетот“, изјави Жерновски.




