„Приоритет на фундаменталното” е мотото на извештајот за напредок на земјите кои тропаат на вратите на ЕУ кој денес во Европскиот парламент (ЕП) го презентираше комесарот за проширување Штефан Филе. Ова значи дека за Европската комисија (ЕК) основен елемент е правната држава која останува во срцето на процесот на проширување како што тоа беше и досега според критериумите од Копенхаген.
Зборувајќи за земјите од регионот, Филе голем простор одвои за Македонија. Политичката криза кај нас покажа исклучително висока поларизација на политиката во земјата.
Филе ја подвлече важноста на Високиот политички дијалог кој бил корисна алатка но алатка која не е замена за преговорите за членство. Приоритет во наредната година треба да биде ефиканска примена на законските и политички рамки, да се обрне внимание на правната држава и борбата против организираниот криминал, а мора да се внимава и на слободата на изразувањето.
За петти пат ЕК препорачува отворање на преговори, но Советот на ЕУ не донесува таква одлука.
„Недонесувањето на таа одлука е ризик за реформите во поранешната Југословенска Република Македонија и за кредибилитетот на нашата политика на проширување”, вели комесарот.
ЕК, вели Филе, и овој пат, како и во 2012 година, смета дека треба да се полне со преговори и проблемот со името да се реши во рана фаза на овој процес. ЕК смета дека процесот на “скрининг” и преговарачката рамка ќе креираат момент во кој че може да се реши спорот со името.
Филе во воведното излагање говорејќи за правната држава порача:
„Тоа бара, рано во процесот на проширување, земјите да се осигураат дека имаат административен капацитет и дека за тоа имаат политичка волја”, рече Филе утринава додавајќи дека направените реформи мораат да бидат длабоко вкоренети во земјата и дека за нив нема враќање назад.
Втората битна работа за ЕК е да им се помогне на балканските земји и Турција да го зајакнат своето економско владеење.
Третиот елемент е важноста на институциите кои гарантираат демократија. Тоа значи конструктивна опозиција која не бојкотира парламенти. Оваа област комесарот Филе напомена дека е важно националните парламенти од Балканот да соработуваат со оние на земјите членки и ЕП.
ЕК инсистира на фундаменталните права и тоа е четвртиот елемент на стратегијата за Балканот и Турција. “Не сакаме повеќе да видиме неприфатливи инциденти како оној со нападот на центарот за ЛГТБ во Скопје. Новинарите мораат да ја работат нивната работа без страв од насилство и заплашување и повеќе напори се потребни за да се зајакне интеграцијата на Ромите”, подвлече комесарот додавајќи дека слободата на изразување ќе влезе во политичкиот дијалог овие земји и ЕК ќе прави се за да се осигура дека оваа област е постојан приоритет.
Конечно, петтиот елемент е надминувањето на билатералните спорови помеѓу земјите од регионот и земјите членки. Филе подвлече дека примерот на Белград и Приштина е историски и покажува дека политичката волја, храброста и поддршката даваат резултати.