Македонското Собрание вчера ги усвои уставните измени, кои произлегуваат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името, со што македонската страна ја исполни својата обврска од договореното, а сега на потег е грчкиот Парламент да го ратификува Договорот, со што ќе се отвори патот за интегрирање на земјава во ЕУ и НАТО.
Пратениците со двотретинско мнозинство од 81 пратеник вчера во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен е и Уставниот закон за спроведување на амандманите.
Седницата почна во средата на 9 јануари, но беше неколку пати презакажувана поради барањата на Беса на Биљал Касами за интевенирање во амандманите во делот на дефинирањето на државјанството и дијаспората. Договор беше постигнат за дел од барањата на Беса, откако претходно беа прифатени и дел од барањата на Алијансата на Албанците на Зијадин Села, со што беше обезбедено потребното двотретинско мнозинство за третата фаза од измените на Уставот.
Македонија согласно договореното ќе се преименува во Република Северна Македонија, а државјанството останува македонско/државјанин на Република Северна Македонија, но тука е прифатен амандман на Уставниот закон, на Беса, со кој се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.
Како гласат амандманите
Со амандманот 33 во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.
Амандманот 34 предвидува во Преамбулата на Уставот на Република Македонија да се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“. Тука е прифатено барањето на Алијансата на Албанците – Преамбулата на Уставот ќе гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.
Амандманот 35 гласи „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“. Со овој амандман се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.
Амандманот 36 посочува дека „Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со тактовината. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Со овој амандман се заменува членот 49 и амандман 2 од Уставот на Република Македонија.
На седницата не присустуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет на партијата вчера цел ден заседаваше, а по изгласувањето на измените партискиот лидер Христијан Мицкоски побара веднаш да се распушти Собранието и да се распишат вонредни парламентарни избори, заедно со претседателските.
-Според законските прописи и врз основа на минатото искуство на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и волјата на мнозинството граѓани ќе биде испочитувана. Потребни се избори на кои Заев ќе падне, а Македонија ќе победи, народот ќе каже каква Македонија сака, Северна Македонија на Заев, понижена и засрамена или Македонија на народот, горда, напредна и почитувана, рече Мицкоски.
Пораки од Хан, Могерини, Столтенберг и Бејли
Веднаш по изгласувањето, честитки пристигнаа од најголемите поддржувачи на целиот процес на решавање на спорот.
Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот Јоханес Хан упатија “искрени честитки за гласањето на Парламентот за уставните измени денес”, изјавија тие преку соопштение.
Според нив “ова е клучен чекор во спроведувањето на историскиот договор во Преспа”.
Хан објави и лична видео порака.
Генералниот сектретар на НАТО Јенс Столтенберг, преку Твитер му честиташе на македонскиот премиер Зоран Заев за успешното гласање во Собранието.
– Му честитам на премиерот Зоран Заев за собраниското финално гласање на Договорот од Преспа. НАТО силно го поддржува целосното имплементирање на Договорот, што важно допринесува до стабилен и просперитетен регион – напиша Столтенберг на Твитер.
-Ги поздравувам вашите лидери во Владата и во Собранието поради нивната визија, храброст и истрајност во барањето на решение и ставањето на долгорочните стратешки интереси на Македонија на прво место. Со нетрпение чекаме да и посакаме добредојде на Република Северна Македонија како 30. членка на НАТО и да го продолжиме нашето цврсто партнерство со вас во унапредувањето на стабилноста и просперитетот овде и во целиот регион, нагласи Бејли.
На потег е грчкиот Парламент
Првата честитка од Грција пристигна од поранешниот министер за надворешни работи кој го преговараше целиот процес Никос Коѕијас.
-Зборував со Зоран и со Никола. Се потсетивме на тешкотиите, на заморот, на тензиите, на довербата и надежите што ги поминавме работејќи на договорот. Сонувавме заедничката иднина за двата народа. Северна Македонија , добредојде во нашиот живот. Историјата треба да биде училиште, а не затвор, напиша на Твитер, поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.
Сега на потег е грчкиот Парламент да даде поддршка за договореното, а со ратификацијата од страна на грчките пратеници се очекува и потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Во Грција ратификацијата ќе помине ако поддршка на Договорот му дадат најмалку 151 од вкупно 300 пратеници, а грчкиот премиер Алексис Ципрас најави дека веднаш откако Договорот ќе помине во македонското Собрание, ќе се преземат мерки во Грција.
Проценките на Ципрас се дека на македонската страна нема да ѝ биде потребно повеќе од една седмица за да ја извести Грција.
Уставните измени ќе стапат на сила откао Договорот од Преспа и Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО ќе биде ратификувани во грчкиот Парламент.









