Првата честитка од Грција до македонскиот премиер за изгласаните уставни измени пристигна од грчкиот премиер, додека пак успешно завршениот процес кај нас, синоќа беше главна тема во грчките медиуми.
Алексис Ципрас вчера разговарал со неговиот македонски колега, Зоран Заев.
– Премиерот му честиташе на господинот Заев за успешното завршување на процесот на ревизија на Уставот на ПЈРМ, врз основа на Договорот од Преспа, соопштија од кабинетот на Ципрас, пренесува МИА од Атина.
Преку нивните официјални Твитер профили се огласија, поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, министерот за дигитална политика, Никос Папас, министерот за внатрешни работи на Грција, Алексис Харицис како и портпаролката на СИРИЗА, Рања Свигу.
– Позитивна разврска во ПЈРМ. Патот за Балкан на мирот и заеднички развој е отворен, напиша министерот за дигитална политика, Никос Папас.
-Уставната ревизија на соседите е исклучително значаен напредок. Грчкиот Парламент наскоро ќе го затвори историското нерешено прашање, кое го отвора патот за мир и заеднички развој на Балканот и трајно ги победува национализмите и од двете страни на границата, напиша министерот за внатрешни работи на Грција, Алексис Харицис.
– Пораз на национализмот и на иредентизмот. Порака на мир, соработка и помирување на Балканот. Двата народи ништо не ги разделува, само едена заедничка иднина ги обединува, напиша портпаролката на СИРИЗА, Рања Свигу.
Иако беше неофицијално најавувана дека Каменос и Ципрас ќе се сретнат вчера за да разговараат за иднината на нивната соработка, а и самиот премиер на Грција го спомена тоа во неговото интервју во средата, сепак средбата не се одржа и се одложи на неодредено време.
Лидерот на Независни Грци во разговор со новинарите рече дека средбата со Ципрас е одложена „додека не се тргне блокадата што постои во ПЈРМ“, а го одложи и неговото интервју за грчката телевизија Стар.
Вчера попладне, Каменос одржа состанок на пратеничката група на Независни Грци, која што помина без изјави за медиумите, а лидерот на партијата и коалиционен партнер во владата се огласи преку неговиот официјален Твитер профил.
-Единствената наша разлика во коалициската влада е името на Македонија. Останатите работи се решаваат парламентарно. Прашање за доверба не постои, освен ако тоа се поврзе со Договорот од Преспа каде што ќе се донесат одлуки од органите на Незавсини Грци и ќе го известам премиерот, напиша Панос Каменос.
Договорот од Преспа се најде на агендата разговори на германската канцеларка Ангела Меркел за време на нејзината дводневна посета на Атина.
На средбите со Ципрас и Павлопулос отворено изрази поддршка за Договорот од Преспа.
Вчера, се сретна и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис кој по средбата изјави дека ги претставил позициите за договорот и причините поради кои неговата партија нема да го ратификува.
– Не само затоа што е волјата на огромното мнозинство од Грците, туку затоа што е лош договор што наместо да ги решава старите проблеми во поширокиот регион на Балканот, може да предизвика нови. И за оваа наша позиција, не преговараме, рече Мицотакис по средбата со германската канцеларка.




