По големата одлука во нашиот Парламент ги разбивме сите дилеми и си потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што ја посакуваме, македонска држава, како држава на европското семејство и членка на НАТО, кои не прифатија како Македонци со свој идентитет и со своја гордост, земја во чиј идентитет се вградени и идентитеи на сите нејзини граѓани, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите други кои живеат во нашата Македонија.
Тоа го истакна премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција по вчерашното изгласување на измените на Уставот за спроведување на Договорот од Преспа.
-Овие денови заедно со нашиот пријател Грција ќе ги отфрлиме изолацијата и недоразбирањата и заеднички ќе го потврдиме историскиото решение. Убеден сум дека и пратениците во грчкиот Парламент ќе ја препознаат и нивната голема улога во овој историски момент. Силно верувам дека нашиот пријател Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе биде првата земја која ќе го потпише протоколот од НАТО, а потоа ќе ги поведе останатите земји членки на Алијансата за да бидеме 30. земја членка на НАТО, рече Заев.
Тој се заблагодари на секој пратеник за, како што рече, оваа голема и одговорна одлука. Знам, наведе, колку беше тешко да се направи тоа, ја чувствувам и ја разбирам и горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднинатата на нашата земја и на нашиот народ.
– Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината напишавме историја и ги отворивме новите бели страници на нашата иднина за испишување на нова реалност, новата перспектива на Република северна Македонија земја членка на европскотото и евроатлансткото семејство, рече Заев.
Тој рече дека ова е одлука против изолацијата, несигурноста и одлука што им дава сила на нашите млади генерации да се издигнат со нивните европски врсници, одлуката што значи поддршка и за независниот граѓански активизам, за безбедна и спокојна иднина, на земјата како стабилен партнер и дел од напредниот свет.
-Градиме земја која идните генерации гордо ќе ја нарекуваат свој дом, рече Заев, доодавајќи дека со ова Македонија веќе нема ниту едно отворено прашање со ниту еден сосед.
Тој најави дека паралелно со евроатлантските интеграции, ќе се работи и дома.
-Дома ќе работиме на помирување и на национално обединување. Белите страници на нашата иднина ќе ги пишуваме заедно, рече тој, обраќајќи се на противниците кои ги повика да ги заборават опструкциите, бидејќи како што рече не можат да го запрат напредокот на земјата.
На крајот им се заблагодари на сите граѓани, без разлика на етничката припадност за одговорноста и солидарноста со која настапиле во оваа како што ја нарече „татковинска акција“.




